Јавното претпријатие „Лајка“ остана без својата маскота, кучето Циги. Вработените во „Лајка“ денеска се простија од кучето чиј лик е нацртан на едно од комбињата на претпријатието. Вработените во „Лајка“ за Циги знаеја да кажат дека е вистинскиот сопственик на „Лајка“, бидејќи бил роден пред околу 12 години во поранешното прифатилиште Вардариште, денешна „Лајка“ и целиот живот го поминал таму.
Циги воедно беше и домаќинот на „Лајка“, бидејќи беше првиот што ќе ве поздравеше кога ќе влезевте во „Лајка“ и ќе дојдеше да се погали, секогаш расположен.

Кучето Циги беше дел од многу настани и кампањи на „Лајка“ поради неговата трпелива природа и секогаш расположен за дружба со луѓе, кучиња и деца.
„Лајка“ денека простувајќи се од него на својот ФБ профил напиша дека „некои кучиња поминуваат низ нашите животи, а некои стануваат дел од нив – Циги беше токму такво куче“.
„За нас не беше само куче од прифатилиштето. Беше колега, пријател, дел од тимот. Беше присутен на секој состанок, секој настан и секојдневно ни ги разубавуваше деновите. Нема човек што работел или дошол во Лајка, а да не го запознал Циги. Тој беше најдобриот амбасадор на сите бездомни кучиња и секојдневно докажуваше дека со добрина и љубов може да се срушат сите предрасуди. До последниот ден остана тоа што отсекогаш беше – најдобро куче“, напишаа од „Лајка“ простувајќи се од Циги.
Фото: facebook.com/lajkaskopje
