Собранието ги усвои измените на Законот за финансиски лизинг, со кои што се зголемува заштитата на корисниците, се засилува надзорот на работата на лизинг компаниите, а се олеснуваат и условите за предвремена отплата на лизингот.
„Новите законски решенија се однесуваат на условите за основање и работење на давателите на финансиски лизинг, корпоративното управување, механизмите за надзор, транспарентноста во работењето и заштитата на корисниците на финансиски лизинг. Новите правила носат појасни договори, можност за предвремена отплата без дополнителни трошоци, поголема контрола врз работењето на лизинг-компаниите и повисоки стандарди за заштита на корисниците“, информираат од Министерството за финансии.
Со финансиски лизинг се пренесуваат сите ризици и користи кои произлегуваат од сопственоста на еден предмет, било да е тој подвижен или недвижен, при што со истекот на определен временски период и по исполнување на обврските по договорот за финансиски лизинг, сопственоста може да се пренесе на корисникот на лизинг.
Со новиот закон се овозможува договорите за финансиски лизинг да се склучуваат и во електронска форма, доколку се исполнети условите согласно прописите.
Со измените се воведува можност корисникот на финансиски лизинг во секое време целосно или делумно да ги отплати преостанатите обврски согласно амортизацискиот план, без дополнителни трошоци. Со тоа се обезбедува и право на намалување на вкупните трошоци за преостанатиот период од договорот.
Заштитата на корисниците се зајакнува и преку тоа што давателот на финансиски лизинг не може да го користи предметот како залог без претходна писмена согласност од корисникот. Освен тоа, поголема заштита има за двете договорни страни во случај на стечај на едната од нив.
Казните за сторени прекршоци достигнуваат до 20.000 евра, а постои и ризик за одземање на дозволата за работа.
Постојните лизинг компании ќе имаат рок од една година да се усогласат со новите правила, во спротивно нема да смеат да ја вршат дејноста.
Една од најважните промени е што финансиски лизинг ќе може да врши само компанија што претходно добила дозвола од Министерството за финансии, а ќе се воспостави и електронски регистар на сите лиценцирани даватели на финансиски лизинг.
Од Асоцијацијата на лизинг компании, која беше дел од целиот процес на носење на законските измени, се задоволни од законот бидејќи во најголем дел биле прифатени нивните забелешки и предлози. Оттаму велат дека измените биле неопходни бидејќи претходниот закон за лизинг не бил променет повеќе од 10 години, а во меѓувреме се создале нови околности на пазарот кои бараат поинакво законско уредување.
„Согласно законот, постоечките договори остануваат согласно одредбите од стариот закон, а новиот закон и негоите одредби важат само за договорите склучени од денот на стапување во важност на новиот закон“, вели Марјан Манчев, претседател на Асоцијација на лизинг друштва во Македонија.
Забелешките од страна на лизинг индустријата се дека мора да се направат дополнителни законски измени со цел да се отстрани двојното оданочување што во пракса се случува сега.
„Останува понатаму да се работи во другиот дел, она што се вика промени во останати закони кои што се сродни или кои што го зафаќаат лизингот, а тоа е пред сè Законот за ДДВ, каде што би се укинал ДДВ на каматата што ја плаќаат корисниците на лизингот. Тоа де факто нè прави помалку конкурентни. Кога би се укинал тој дел би ја зголемиле конкурентноста и достапноста на лизинг производите“, вели Манчев.
Автомобилите и натаму се најзастапен предмет во лизинг договорите. Податоците покажуваат дека расте бројот на автомобили купени на лизинг, но најчесто оваа опција ја користат компаниите.
Лизинг индустријата во Македонија минатата година направила профит над 3 милиони евра, а вкупната актива била 260 милиони евра.
Мирјана Јовеска
