Тројца луѓе се приведени од кои двајца доктори во претреси на полицијата на пет локации во Скопје, меѓу кои и во две здравствени установи во рамки на истрагата за организирана криминална група инволвирана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, соопшти обвинителството.
„Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца осомничени се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека едно лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, информираат од обвинителството.
По предлог на надлежен јавен обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определи мерки на претпазливост за сите четворица осомничени.
С.Д.
