Подготвителна постапка за две 14-годишни девојчиња осомничени за кривичното дело „Насилство“, како и за две момчиња на возраст од 14, односно 15 години за помагање во извршување на делото, како и „Неовластено снимање“, побара Јавен обвинител од Одделението за малолетници при Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот судија.
„Пријавените девојчиња, на 30 јуни, на игралиште позади трговски центар во Скопје, во група извршиле грубо насилство и ја загрозиле сигурноста на 12-годишно девојче. Во дејствијата учествувало и уште едно дете во ризик кое е на возраст од 13 години и согласно тоа не може кривично да одговара. Ја принудувале да клекне и да им се извини, а потоа ја удирале со шлаканици и ја влечеле за коса. Од ударите оштетената се здобила со телесни повреди, а кај нејзината другарка сведок на настанот и во јавноста било предизвикано чувство на несигурност загрозување и страв“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.
„Едно од момчињата помагало во дејствијата на насилство со совети, насоки и охрабрување како да го извршат делото. Двете момчиња неовластено направиле видео снимка од чинот на насилство без согласност од оштетената и повредувајќи ја нејзината приватност. Снимката им ја пратиле и на насилничките“, додаваат од Обвинителството.
Јавниот обвинител побара и мерка на претпазливост – забрана на децата да се приближуваат или воспоставуваат и одржуваат контакти и врски меѓу себе и со жртвата во текот на постапката.
С.Д:
