Вести Македонија Топ вести

СДСМ бара преиспитување на уставноста на Резолуцијата, премиерот без коментар за можната одлука

Премиерот не сакаше да коментира за можниот исход по поднесената иницијатива на СДСМ за оценување на уставноста на изгласаната Резолуција за мигрантите. Остава Уставниот суд да донее одлука, но жали за постапките на социјалдемократите.

„Јас немам коментар. Сепак, тука е Уставниот суд. Уставниот суд е тој кој што треба да донесе одлука за иницијативата на СДСМ. Јас навистина жалам што СДСМ не беше во рамки на Парламентот да изгласа Резолуција со којашто заеднички ќе се обврземе дека било која Влада ќе биде во Македонија, дека нема да дозволиме изградба на мигрантски кампови, дека нема да дозволиме прифаќање на било каков тип на мигранти или неуспешни апликации на азиланти кои се резултат на било каков договор и на било каква политика. Тие одлучија да калкулираат и ја напуштија салата. Јас навистина жалам, бидејќи претходно водеа една лажна кампања дека сме се сложиле за нешто за што не сме се сложиле. Еве, нека одлучи Уставниот суд. Јас не ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Тоа сум го кажал многу пати во минатото, рече Мицкоски по посетата на фабриката „Алкалоид“ АД Скопје.

Од неговата партија вчера реагираа дека не може да се оценува уставност на Резолуција, затоа што тоа не е закон, ниту подзаконски акт и не создава обврзувачки норми, ниту, пак, ограничува права и слободи, туку има декларативен карактер. Сепак, СДСМ ја поднесоа иницијативата затоа што сметаат дека со неа се урива правниот поредок и се нарушуваат основните човекови права.

„Не може Резолуција во Собрание да биде против „наративот на опозицијата“ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор. Затоа Уставниот суд, како главен заштитник на Уставот и уставниот поредок, на слободата на говор и правата гарантирани со уставот има обврска да ги заштити. Уставниот суд мора да ја укине оваа неуставна Резолуција! Кога се загрозува Уставот, се загрозува демократијата и поредокот на Македонија. Кога се забранува дебата и се воведува цензура демократијата престанува да постои, се воведува диктатура, режим. СДСМ отвори фронт за правда! Нема да дозволиме гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме демократијата, ќе ја одбраниме Македонија“, изјави Александар Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

За нив е особено спорна точката седум од Резолуцијата во која стои дека „Се повикуваат сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир“. Сметаат дека токму со неа се ограничува слободата на говор.

Реагираат и за првата точка во која се осудува „лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови“.

Мнозинството ја бранеше Резолуцијата со аргументи дека со нејзините девет точки се става крај на шпекулациите и дезинформациите што создаваат страв и несигурност кај граѓаните.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зeмјоделците барат закон за спас на оризопроизводството

Igor Trajkov

Бесконечно докажување траен инвалидитет

Igor Trajkov

„Добредојде“ со грешки: Отстранет билбордот на влезот во Скопје

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе