Државната комисија за спречување на корупцијата наскоро ќе добие нов претседател. Се откочува постапката за избор, која беше стопирана поради изборите. Во вторник почнуваат интервјуата со кандидатите кои ги исполнуваат условите според комисијата за селекција.
Од пријавените 13 кандидати, комисијата одобри десет.
Меѓу нив е Весна Доревска од Скопје, дипломиран правник, која беше помошник министер за правни работи во МВР и сведок во постапката за случајот „Таргет-тврдина„ за уништување на опремата за прислушкување на УБК.
Втор на листата е Владимир Наумоски од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по деловно право, кој е и член на комисијата за заштита од конкуренција.
Трет е Антонио Санев од Скопје, дипломиран правник, магистер по меѓународно право, кој е и поранешен началник во МВР.
Следат Бранко Смилевски од Скопје, дипломиран економист, магистер на науки за антикорупција, кој е актуелен помошник на Главниот ревизор, адвокатите Валентина Тодоровска од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и Ненад Трифуновски од Тетово, дипломиран правник со положен правосуден испит.
Меѓу кандидатите е и Благица Трошанска од Скопје,раководителка на сектор во Министерството за одбрана, дипломиран правник и магистер на политички науки, проф. д-р Кимо Чавдар од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и доктор на политички науки, Адем Чучуљ од Скопје, дипломиран правник, кој е и актуелен генерален секретар на ДКСК, како и Феузи Џафери од село Чајле-Гостивар, дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по дипломатија, кој се кандидираше и за Народен правобранител, но не беше избран.
Од селекцијата испаднаа дипломираните економисти Зоран Наумов од Кавадарци и Костадин Кус Иванов од Скопје,како и дипломираниот криминалист Бранко В`чков од Скопје.
Административната селекција ја вршеа заменик народниот правобранител, Илбер Руфати, Дарко Аврамовски и Балдри Јашари, членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество , како и пратениците Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, Саранда Имери-Стафаи од коалицијата „Вреди“, Митко Трајчулески од СДСМ и Арбана Пашоли од ДУИ.
Тие беа избрани уште во август, добија овластување да вршат обработка на личните податоци, а доставија и изјави со кои се обврзаа да обезбедат нивна тајност и заштита согласно Законот за заштита на лични податоци, но нивната работа беше прекината поради изборите со што и целиот процес беше ставен во мирување.
Интервјуата на селектираните кандидати ќе бидат во вторник и во среда пред Комисијата за избори и именувања.
Јавниот оглас за избор на претседател на ДКСК беше објавен на 1 август, откако сега веќе поранешната претседателка,Татјана Димитровска, шест дена порано си поднесе оставка.
Обвинителството за гонење организиран криминал за неа покрена обвиненија за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна.
ДКСК сега има заменик-претседател што се избира по принципот на ротација по азбучен ред на период од шест месеци.
На 21 август функцијата ја презема Цвета Ристовска, а пред неа беше Билјана Каракашова-Шулев.
Далиборка Демјанска Цветановска
