Вести Најважни Свет

Со истекувањето на 72 часа по земјотресот „прозорецот“ за преживување брзо се затвора

Како што одминува времето, има се помалку надеж за преживеаните од разорниот земјотрес во Турција и Сирија, а спасувачите имаат уште малку време до истекот на рокот од 72 часа, што е клучно да се најдат луѓе под рушевините, велат експерт, бидејќи повеќе од 90 отсто од преживеаните од земјотресот се спасени во првите три дена по катастрофата.

Тоа време може значително да варира во зависност од временските услови, од зачестеноста на последователните потреси и од брзината на пристигнување на спасувачите на теренот. Токму овие фактори ги намалуваат шансите за пронаоѓање преживеани во земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што рано наутро во понеделникот ги погоди југоисточна Турција и северот на соседна Сирија.

  • Ова е последното нешто што му требаше на сирискиот народ. А ние со години и години се мачевме да ги задоволиме нивните хуманитарни потреби и без оваа последна катастрофа. Но, знаете, сега се наоѓаме во многу тешка позиција, борејќи се со времето, обидувајќи се да допреме до луѓето ширум Сирија, рече Муханад Хади, регионален хуманитарен координатор за кризата во Сирија.

Бројот на жртвите, којшто се приближува до 12.000 мртви, најверојатно ќе се зголеми уште повеќе кога ќе поминат 72 часа од несреќата. По здобиените повреди од уривањето на зградите луѓето умираат од искрварување. Поларниот студ во Турција и Сирија има исклучително важна улога луѓето можат да умрат од хипотермија, велат лекарите. А оние кои ќе успеат да го преживеат студот и повредите, без вода „ќе почнат да умираат по три до пет дена“.

Стручњакот за земјотреси Овгун Ахмед Еркан проценува дека 180.000 луѓе можеби се заробени под рушевините и ретко кој од нив ќе преживее.

Невозможно е да се биде подготвен за една ваква катастрофа, рече турскиот претседател Ердоган, кој дури денеска ги посети областите погодени од земјотресот.

  • Несомнено, нашата оперативна работа не беше лесна. Јачината и огромниот обем на уништувањето предизвикано од земјотресот, кој опфати област од 500 километри каде живеат 13,5 милиони луѓе, беше засилено од лошите временски услови. Ги мобилизиравме сите национални ресурси и ги упативме кон областите, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Спасувачките екипи во југоисточниот турски град Газиантеп продолжија со потрагата по преживеани додека паѓаше мракот. За миг местото на урната зграда падна во темнина бидејќи работниците ги исклучија генераторите на електрична енергија што ги напојуваа светлата и  турбините на генераторот, дозволувајќи им на екипите да слушаат гласови или тропање. Но, размерите од уништувањето од земјотресот и неговите моќни последователни потреси беа толку огромни и распространети на толку широк простор, вклучително и на изолирани места од граѓанска војна во Сирија, што многу луѓе сè уште чекаа помош.

Експертите рекоа дека „прозорецот“ за преживување на оние кои се заробени под урнатините на срушените згради или не можат да пристапат до вода, храна, или медицинска помош брзо се затвора. Во исто време, тие велчат дека е прерано да се напушти надежта за нови спасувања.

Спасувачите ја продолжија потрагата по заробените преживеани во северна Сирија по разорниот земјотрес со јачина од 7,8 степени. Но, екипи од работници и волонтери исто така се соочија со извлекување тела од урнатините.

Спасувачите од Белите шлемови работат заедно со жителите во градот Атариб западно од Алепо. Земјотресот во понеделникот урна илјадници згради и натрупа повеќе мизерија во регионот погоден од 12-годишната граѓанска војна и бегалската криза во земјата, како и преку границата во соседна Турција. Погодената област во Сирија е поделена меѓу територијата контролирана од владата и последната енклава во земјата која е под контрола на опозицијата, каде што милиони се зависно од хуманитарна помош. Сириското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати во областите под контрола на владата се искачи над 1.200. Најмалку 1.400 луѓе загинаа во северозападниот дел под контрола на бунтовниците, според волонтерите познати како Бели шлемови.

  • Како бегалци сега сме безнадежни. Каде можеш да одиш? Каде можеш да живееш? Што можеш да направиш? Сирија е уништена и ние дојдовме овде, а Бог го одреди овој земјотрес врз нас и другите верници овде во Турција. Тоа е катастрофа. Тоа не е мала работа. Дај Боже да излезат тие што се уште живи. Господ нека ни е на помош и на сите што помагаат, вели сирискиот бегалец Абделхалек Ал Насаани, преживеан од земјотрес.
  • Не знам колку долго можам да издржам. Сега се откажувам од надежта. Уморен сум. Само сакам да го видам брат ми, неговата сопруга и децата. Само сакав да се уверам дека се добро за да можам да си ја одморам главата, рече Мохамед Мардагани, сириски бегалец.

Турција работи на отворање на уште два гранични премини со Сирија за да се овозможи проток на хуманитарна помош во соседната земја, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Тој рече дека оштетувањето на сириската страна од патот што води до граничниот премин, кој е отворен исклучиво за хуманитарна помош како дел од одобрението од Советот за безбедност на Обединетите нации, предизвикува тешкотии.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

(Видео) Најмалку 33 убиени лица, меѓу нив и пет членови на Хезболах – израелски напади врз Алепо во Сирија

Дејан Дејан

Уапсени девет лица поради сомнеж за вмешаност во нападот во Москва – голема акција во Таџикистан

Дејан Дејан

Оддавал информации од истрагата за исчезнатата Данка Илиќ – приведен полицаец од Бор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе