Вести Свет Топ вести

Молскавична украинска офанзива во регионот на Харков, ослободени над 3.000 квадратни километри

Киев тврди дека изминативе три дена, исклучително успешната офанзива на украинската армија во источниот дел на земјата резултирала со ослободување на над 3.000 квадратни километри окупирана територија. Украинците вчера влегоа и во Изјум и Купијанск, од кои за првиот руската армија потроши цел месец за негово освојување на почетокот на војната, а вториот по паѓањето под руска контрола беше претворен во значаен центар за снадбување на источниот фронт.

10 септември 2022, извидница на 25 воздушна бригада и третиот полк на специјалните единици веќе сме во Изјум. Се ќе биде Украина, знамето веќе се вее над нас. Ќе ги бркаме овие копилиња се до самата проклета Москва!, велат припадниците на Извидница на 25 воздушна бригада на украинската армија во видео објавено на социјалните мрежи.

Губењето на овие два стратешки важни градови, според западните аналитичари претставува срамен пораз за руската армија.

Руската армија изминативе денови го покажува тоа во што е најдобра, покажувајќи го својот грб. Секако, за нив одлуката да бегаат е добра. Нема место за окупаторите во Украина, и никогаш нема да има, изјави зеленски.

Сепак, западните аналитичари предупредуваат дека ослободените области во регионот на Харков, за почеток биле слабо бранети, а успехот во најголем степен се должи на изненадувањето, затоа што руската армија очекувала напад далеку на југ, кон Херсон. Британското разузнавање тврди дека Русите ги повлекле некои од најискусните единици од другите фронтови и ги прераспоредиле во регионот на Херсон, очекувајќи голема украинска офанзива. Посочуваат дека руската армија веќе се има утврдено на новите одбранбени позиции кај Харков, а доказ за тоа е интензитетот на борбите за населените места околу Изјум и Купијанск.

На останатите фронтови ситуацијата не е многу променета во полза на украинската армија, иако Киев тврди дека на јужниот фронт околу Херсон успеале на неколку места да ги пробијат руските позиции.

Во меѓувреме рускиот олигарх и противник на Путин, Михаил Ходорковски, на твитер објави документ од руското министерство за финансии, според кој до 28 август, на семејствата на загинатите војници им биле исплатени 361,4 милијарди рубљи. Ако се земе во предвид дека за секој загинат војник оштетата за семејството изнесува 7,4 милиони рубљи, се доаѓа до број на загинати од 48.759 руски војници. Москва со месеци нема објавено информации за загубите, а западните аналитичари и Киев шпекулираат со различни цифри. Доколку документот се покаже како веродостоен, тоа ќе биде потврда за исклучително тешките загуби на руската армија во војната во Украина, за која Москва инсистира дека ја добива. Во овој број не се вклучени загубите на милициите на сепаратистичките републики Доњецк и Луганск.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови 106 случаи на труење во Гостивар за 24 часа – вклучен аларм за жолтица

Kristina Kuzmanovski

МВР со апел: Внимавајте, лажни пораки од „Безбеден град“ крадат информации

Kristina Kuzmanovski

Македонски тинејџер уапсен во Црна Гора за обид за убиство – дали е дел од младите скопјани регрутирани од криминалните нарко банди во соседството

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе