Вести Македонија

Хелсиншки комитет: Обвинителството на скандалозен начин ја спречи правдата за Тамара

Преквалификацијата, која ја направи основниот јавен обвинител на завршните зборови во случајот Тамара, во кривично дело за кое настапи апсолутна застареност за кривично гонење, ги сруши сите шанси за понесување одговорност за смртта на девојчето, кое почина чекајќи одлука од надлежните институции за лекување во странство.

На денешната јавна расправа, при давање завршни зборови, основниот јавен обвинител Анел Фидовски, направи правна преквалификација, односно промена на обвинителениот предлог, а за тројца обвинети се откажа од кривично гонење.

Имено, јавниот обвинител се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице. За останатите обвинети, членови на првостепена и второстепена комисија, обвинителството направи правна преквалификација и наместо член 353 в од Кривичниот закон ,,Несовесно работење во службата’’, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување.

Во овој член предвидено е дека лекар и член на првостепената, односно второстепената комисија на Фондот, кои ќе оневозможат осигуреник да оствари право од здравствено осигурување по основ на болест или неспособност за работа, што според закон или друг пропис му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години. Со ваквата преквалификација произлегува дека е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење во октомври 2020 година, со изминување на 6 години од денот кога е сторено кривичното дело. Согласно ова, обвинителството побара судот да донесе одбивателна пресуда, согласно член 402 од Кривичниот законик.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во изминативе години во повеќе наврати реагираше на постапувањето на обвинителството, но и за честото одложување на рочиштата. Од кривичната пријава која ја поднесе Хелсиншкиот комитет поминати се седум години, а судската постапка започна во 2018 година.

Со оглед дека обвинителството одлучи да го преквалификува делото дури во завршната фаза од судењето, а не претходно, легитимен е сомнежот дека постоела намера делото едноставно да застари и никој од обвинетите кривично да не одговара за смртта на малата Тамара. Комитетот оценува дека ваквата одлука на обвинителството е крајно поразителна и значи дополнително зголемување на недовербата во правосудниот систем, кој не испорачува правда за жртвите.

Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе се бори за правда во овој случај и ќе поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, чадот стигна до автопатот – интервенираат „ер трактори“

Kristina Kuzmanovski

Не споделувајте лични податоци и броеви на банкарски картички – МВР со предупредување до граѓаните за нов бран на лажни пораки за „Безбеден град“

Sasko Dimovski

Десет повредени во судир на три возила на патот Кичево – Охрид

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе