Синдикатите веќе два ипол часа ја разгледуваат понудата на Управниот одбор, да има покачување на платите во „Пошта„, но во два наврати.
Повисоки плати од 1 јуни да добијат поштарите и шалтерските работници, а административците да почекаат до 1 август.
Понудата следеше откако вработените утрово стапија во штрајк на работните места. Зголемувањето на платите од 1 јуни би било за околу 1 700 вработени, а од август за околу 400.
Од утрово во поштенските подружници се работеше само тоа што е итно и неопходно, како прием, сортирање и дистрибуција на препорачани судски пратки, препорачани пратки од безбедноста и одбраната и слично.
Од Синдикатите побараа линеарно зголемување на платите за 3 илјади денари, и начелно се задоволни од постигнатиот компромис.
Од синдикатот тврдат дека околу 200 вработени во „Пошти“ не доаѓаат на работа со години, а земаат високи плати.
Но, Макрадули тврди дека тоа повеќе не се дозволува и дека минатата година поради непостапување, 47 вработени го изгубиле работното место.
Управниот одбор се обврза и да нема нови вработувања иако многу вработени ќе одат во пензија – 66 проценти од вработените се над 55 години.
Апелираше до Собранието да се донесе Законот за поштенски услуги, кој е во собраниска процедура.
И Синдикатот смета дека, со овој закон ќе им се даде простор да се направи реорганизација, нова систематизација и со сето тоа да се воведе професионализам и позиционирање на пазарот за поштенски услуги.
Далиборка Демјанска Цветановска
