По двонеделна борба со пожарите, австриските и словенечките пожарникари утрово си заминаа од Малешевијата, со македонски знамиња на возилата. Се поздравија со малешевци со звучна сигнализација, а тие, пак, претходните вечери организираа забави во нивна чест и во Пехчево и во Берово. Беровскиот градоначалник им додели благодарници, а добија и скромни подароци и македонско вино.
Регискиот командир на пожарникарите од Словенија, за порталот Малеш Нет изрази голема благодарност за гостопримливоста на нашиот народ потенцирајќи дека сите се позитивно изненадени од грижата кон нив.
-Вакви добри луѓе никаде не сме виделе, би сакале да останеме уште тука бидејќи се чувствуваме како дома, но не чека нашата следна мисија и мораме да се вратиме.Ветуваме сите дека повторно ќе дојдеме, но овојпат за добро, како туристи.Чувајте си ги прекрасните шуми кои што ги имате и грижете се за нив сите, изјави Мочник.
