Претседателот на Србија Александар Вучиќ, зборувајќи за мрачните прогнози што ги изнесе генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш на Генералната дебата на светските лидери, рече дека стравува дека реалните прогнози се уште помрачни.
Тој посочи дека денеска е најголемиот собир во Обединетите нации и дека не памети дека имало толку шефови на држави, повеќе од 150.
Тој рече и дека бројни руски медиуми побарале да разговараат со него, но дека тој не можел да зборува додека не го слушне говорот на рускиот претседател.
-Не е тешко да се претпостави што генерално ќе каже претседателот Владимир Путин. Претпоставувам дека од фазата на специјална воена операција се приближуваме до голем воен конфликт и сега прашањето е каде се границите и дали ќе отидеме за некое време, или можеби веќе за месец или два, во голем светски конфликт каков што не сме имале од Втората светска војна, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека утре ќе има средба и со министерот за надворешни работи на Кина, што, како што вели, е исклучително важна средба.
Вучиќ за РТС изјави дека во следните седум до десет дена ќе донесе важни одлуки со кои ќе ги запознае граѓаните и дека верува дека во текот на следната недела ќе се осврне на некои мерки и одлуки важни за иднината на Србија. Тој посочи дека на средбите во Њујорк добил уште една нота за повлекување на признавањето на независноста на Косово.
