Вести Свет

Пашинјан побара Русија, Франција и САД да реагираат на агресијата од Азербејџан

Премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан денеска побара од претседателите на Русија и на Франција и од американскиот државен секретар да реагираат на „агресијата од Азербејџан“.

Пашинјан во разговорите со Владимир Путин, Емануел Макрон и Ентони Блинкен истакна дека се надева на „соодветен одговор од меѓународната заедница“ на судирите на границата помеѓу Ерменија и Азербејџан.

Министерството за одбрана на Ерменија објави и дека Москва и Ереван се обврзале да преземат мерки за „стабилизирање на ситуацијата“ на границата меѓу Ерменија и Азербејџан.

Во соопштението од ерменското Министерство за одбрана се наведува дека министерот Сурен Папикијан во телефонски разговор со неговиот руски колега Сергеј Шојгу „ја објасни ситуацијата што настана како резултат на големата агресија на Азербејџан“, како и дека било договорено да се преземат неопходни мерки за стабилизирање на ситуацијата.

Во спорниот регион Нагорно-Карабах синоќа повторно избија борби меѓу војските на Азербејџан и Ерменија, откако азербејџанската армија ги нападнаа ерменските позиции.

Двете земји со децении наназад имаат несогласувања за регионот Нагорно-Карабах, кој во советско време имаше мнозинско ерменско население, но легално беше дел од Азербејџан. По распадот на Советскиот Сојуз, Нагорно-Карабах прогласи независност од Баку како Република Арцах, со поддршка од Ереван, што предизвика тригодишна војна. Војната заврши во 1994 година со победа на Ерменија, а Нагорно-Карабах беше под ерменска контрола четвртина век, иако неговиот статус никогаш не беше меѓународно признаен.

По една деценија стагнација, Азербејџан во 2020 година повторно зазеде големи делови од регионот, принудувајќи ја Ерменија да направи големи територијални отстапки. Тоа вклучуваше одредба со која се ограничува пристапот на Ерменија во регионот до безбеден коридор надгледуван од руски мировници. Во меѓувреме, примирјето на неколку пати беше прекинувано со спорадични напади од двете страни.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Главната цевка на водоводот во Гостивар била преместена за проектот Коридор 8 на Бехтел и Енка во мај годинава

Sonja Petrusevska

Велешанка касната од пајак „Црна Вдовица“, пренесена е на скопските клиники

Kristina Kuzmanovski

Италија повеќе не ги прифаќа македонските возачки дозволи, за иселениците ова е ризик да останат без работа

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе