Точно 24 часа траеше предлогот со кој Македонија се надеваше дека може да ги реши политичките прашања со Бугарија. Откако вчера шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, информираше дека Македонија чека одговор од Софија на документ кој е прифатлив за Скопје, шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, денеска на брифинг соопштила дека не постои документ меѓу Северна Македонија и Бугарија што е основа за преговори.
Според неа дури ниту една од другите четири точки од Протоколот 4 + 1 не е спроведена од Скопје. Според Генчовска до крајот на француското претседателство нема време да се отвори Уставот на Македонија за да се регистрираат Бугарите во него како државотворен народ.
Генчовска денеска на брифингот потврдила дека има сериозни несогласувања меѓу Министерството за надворешни работи и надворешнополитичкиот тим на бугарскиот премиер, Кирил Петков, за прашањето за евроинтеграциите и преговорите.
Реакцијата на македонското МНР на денешната изјава на бугарската дипломатија која го демантира шефот на македонската дипломатија дека постои каков и да е документ на кој се чека одговор од Софија, е дека Османи и бугарсkото МНР всушност реферираат на различни документи.
Од МНР за Телма појаснуваат дека Османи во вчeрашната изјава зборувал за португалскиот предлог за надминување спорот, а оти бугарското МНР зборува за документот кој Македонија ѝ го достави на Бугарија на самитот на НАТО во Рига во декември, како контрапредлог на нејзиниот документ со 5+1 барање од септември.
Ваквите позиции на двете министерства ги прават уште понејасни работите околу преговорите меѓу двете министерства за надминување на политичките прашања, ако се земе предвид дека изјавата на Османи вечера беше дадена на конкретни прашања дали постои нон-пејпер за кој во моментов се разговара меѓу двете земји како решение.
Конфузија во целиот процес внесува и разногласието кое доаѓа до Бугарија по преговорите со Македонија, во кое бугарскиот премиер, Кирил Петков, неодамна двапати во една седица изјави дека е оптимист и има придвижување на работите, додека шефицата на бугарската дипломатија, вели ништо не е поместено од мртва точка.
Во Бугарија се оди дури дотаму што Петков е обвинет дека веќе потпишал документ со Македонија, што тој денеска го демантираше.
На Петков денеска му стигна порака и од потпретседателката на партијата „Има таков народ“, од чии редови е бугарската министерка за надворешни работи, дека Бугарија еднаш засекогаш мора да научи да го чува своето национално достоинство и оти темата „Северна Макеоднија“ е последната на која Бугарија може да го покаже тоа.
Тамара Грнчароска
