Преговорите за завршување на војната на Блискиот Исток започнаа во Пакистан, каде делегациите на САД и Иран за почеток ќе се обидат да го зацврстат привременото примирје, кое беше постигнато со посредство на домаќинот, како и Турција и Египет. За постигнување сеопфатен мировен договор, остануваат низа отворени прашања, а за кои пак ќе биде потребно многу работа, почнувајќи со убедувањето на Израел да прифати прекин на огнот и во Либан, против Хезболах.
И покрај тврдењето на американскиот претседател дека израелската воена операција во Либан ќе продолжи со намален интензитет, на терен се чини дека се случува токму спротивното. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжува да инсистира дека примирје со Хезболах не може да има. Овој дел од конфликтот кој сѐ уште продолжува, може да биде искористен како изговор од Техеран да ги прекине преговорите.
Второто прашање, кое го засега целиот свет, е Ормускиот теснец продолжувањето на протокот на енергенси и земјоделски ѓубрива преку него. Откако стапи на сила кревкото примирје многу малку бродови поминуваат низ него, а откако претходно успеа речиси целосно да го блокира, Иран сега е решен и да ја формализира контролата врз него. Но, Соединетите држави и повеќето земји во светот не го прифаќаат иранското тврдење дека теснецот се негови територијални води.
Најзвучното, нај долгорочно ако не и најважно прашање во овие преговори е иранската нуклеарна програма. Иран тврди дека нејзината цел е цивилна а не развивање нуклеарно оружје, и токму таа беше искористена како изговор и за минатогодишната 12 дневна војна, како и за сегашниот конфликт.
Уште едно прашање кое може да се покаже како проблематично во преговорите е судбината на иранските регионални сојузници, односно милитантните организации кои Техеран ги финансира и чија улога е предизвикување регионална нестабилност за Израел и САД.
Последното прашање се однесува на санкциите против Исламската република и нејзините замрзнати средства во странство. Иран со децении е под различни меѓународни санкции кои предизвикаа голема штета врз неговата економија. Во предвечерјето на преговорите, шефот на иранската делегација, и претседател на парламентот, Мохамад Багер Галибаф порача дека 120 милијарди долари ирански средства мораат да бидат одмрзнати пред Техеран да започне да преговара. Самиот почеток на преговорите денеска беа доволен доказ за иранските државни медиуми да објават дека средствата се веќе одмрзнати, но висок американски претставник за западните медиуми го негираше тоа.
Фактот што иранскиот режим успеа да ја преживее оваа војна и предизвика доволно значителна болка врз глобалната економија, му даваат доволно стабилна основа да преговара од позиција на предност. Колку во таква ситуација преговорите ќе бидат успешни за Вашингтон, во голема мера може да зависи од тоа што Доналд Трамп може да го претстави како победа пред американската јавност во период кога го очекуваат важни избори за Конгресот.
Игор Трајков
