Бизнис објектив Вести Економија Македонија

„Бизнис Објектив“: Лани се одобриле „брзи“ кредити во вкупна вредност над 207 милиони евра

Преку т.н. „брзи кредити“ од финансиските друштва граѓаните и фирмите лани се задолжиле за вкупно 207,5 милиони евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека на годишна основа износот на ваквото задолжување е зголемен за дури 20,3 проценти.

Искуството покажува дека граѓаните го бираат овој начин на финансирање за многу различни потреби: од сервисирање на тековните обврски, вклучитено плаќање сметки, преку задолжување за уплати за одмор, релаксација и забава, па сè до обезбедување пари за купување бела техника, мебел, автомобилски делови, или купување мотори.

„Во моментов финансиските друштва се многу популарни, односно интересни кај граѓаните за тие кредити со нула отсто камата, односно кредити кои што се најчесто краткорочни, до 30 или до 60 денови. И во тој случај каматата најчесто е нула отсто за сите клиенти и се земаат во оној период од месецот кога не се даваат платите, односно од 15-ти до 30-ти во месецот, кога граѓаните имаат некоја потреба од дополнителни средства, без разлика дали е за поправка на возило, за некој здравствен проблем, или можеби за да купат нешто ново во својот дом.
Не би рекол дека народот е сиромашен, затоа што стандардот во Македонија е секоја година с
è повисок и повисок. Но, народот сака можеби да троши малку повеќе, односно креираме некое потрошувачко општество по стапките на западните земји, каде што народот сака да си удостои нешто кое што можеби во одредени други услови не би можел да го купи или да го изнајми итн. И не очекувам некој голем раст. Пак ќе напоменам дека доста популарни се овие кредити со нула отсто камата, каде што финансиските друштва навистина наплатуваат нула отсто камата, ама тие се краткорочни кредити од 30 или 60 дена. А, воедно има еден нов тренд на пазарот каде што се нудат кредити ‘купи сега, а плати по одредено време’. Најчесто тие се нудат во некои продавници, маркети или онлајн, каде што финансиските друштва со нула отсто дозволуваат и до четири или пет рати да го купите доброто или компјутерот, телефонот или било што – сакате да купите велосипед сега, а да го платите на четири рати без камата. Сето тоа дава некои дополнителни вредности на пазарот на финансиски друштва, а и дополнителни добри услови за граѓаните на нашата земја“, вели Никола Јошевски, претседател на Групација на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора.

Според податоците на Министерството за финансии, пак, само во првата половина од минатата година се склучиле 228.000 договори за кредитирање во вкупен износ од нешто над 133 милиони евра. Но, претставниците на финансиските друштва посочуваат дека во пракса станува збор за околу 80-100 илјади граѓани кои се задолжуваат на овој начин и најчесто склучуваат по два-три договори за кредитирање во текот на годината.

„Значајно е да се знае дека не сите финансиски друштва одобруваат т.н. ‘брзи’ кредити бидејќи имаме и финансиски друштва коишто работат со правни лица, некои само ја вршат финансиската активност факторинг, дел има што работат и со хипотекарни кредити итн. Согласно разположливите податоци кои што ги имаме во Министерството за финансии, во првата половина на 2025-та година се одобрени 228.000 кредити со физички и со правни лица, од кои што најголем дел е со физички лица, во вредност од 8,2 милијарди денари, од кои што 7 милијарди денари се склучени со физички лица и 1,2 милијарди денари со правни лица.
Во однос на злоупотребите на користење кредити, ако мислите на злоупотреби на лични податоци при користење на кредити, со измените кои што ги направивме во Законот за финансиски друштва, односно во самите правилници го доуредивме начинот на кој што може да се аплицира, и тој може да биде исклучиво во просториите на финансиското друштво а доколку се аплицира онлајн задолжително е да се користи електронски призната шема на електронска идентификација. Со воведувањето на овие правила до денес, речиси повеќе од две години, до Министерството за финансии не е доставена ниту една пријава за злоупотреба на лични податоци“,
вели Иван Недев, раководител на сектор за финансиски систем во Министерството за финансии.

Но, дел од финансиските друштва ги доведуваат во заблуда потенцијалните коризници на т.н. брзи кредити, констатираше Министерството за финансии при последните контроли на работењето на овие правни субјекти.

„Овие забелешки првенствено се однесуваа во делот на рекламирањето, односно во делот на користење називи од страна на дел од финансиски друштва, кои што се различни од називот по кој тие настапуваат во правниот промет, односно називот кој што им е утврден во дозволата која што ние како министерство ја имаме издадено, Значи, има ситуации каде што во две различни деловни простории има два различни називи, а всушност станува збор за исто финансиско друштво и на овој начин се создава една погрешна слика на конкуренција.
Она друго кое што го увидовме и за кое што дадовме забелешки во делот на рекламирањето на кредитите со 0% камата. Овде не велиме дека е забрането да се пласираат кредити со 0% камата, туку доколку има и други надоместоци во договорот, тие задолжително да бидат наведени во самото рекламирање“,
вели Иван Недев, раководител на сектор за финансиски систем во Министерството за финансии.

Според регистарот на Министерството за финансии, во моментов функционираат 26 лиценцирани финансиски друштва, од кои осум нудат единствено кредити, додека останатите сервираат и други финансиски услуги, како на пример факторинг, гаранции или хипотекарни кредити.

На финансиските друштва, кај кои што се утврдени неправилности при работењето, Министерството за финансии им наложи да ги отстранат сите реклами и написи во деловните простории кои што може да ги доведат во заблуда потрошувачите. Рокот за да го сторат тоа е 15-ти мај. Доколку не го испочитуваат тоа, ќе се соочат со казни.

Клучниот совет за корисниците на кредит е убаво да го читаат амортизациониот план во кој што мора точно да бидат наведени сите трошоци и вкупниот краен износ што треба да го вратат. Единствено на тој начин ќе може да се сигурни дека понудениот кредит со нула проценти камата е навистина таков.

Доколку сепак сметаат дека се оштетени, може да побараат стручна помош од Организацијата за заштита на потрошувачи, а имаат право и да го вратат кредитот и да го поништат договорот во рок од 14 дена по одобрувањето, при што ќе треба да платат само некоја минимална камата.

„Законот за заштита на потрошувачи при потрошувачки кредити е многу јасен и јасно укажува дека во секоја реклама треба точно да се наведени сите трошоци, без разлика дали тие влегуваат во вкупните трошоци за кредитот, она популарно наречено СВТ или не влегуваат. Така да, генерално доколку финансиските друштва или било која финансиска институција, не е важно дали е банка или штедилница, рекламира кредит со нула отсто камата и не наведува други трошоци кои што би требало да се вклучени или не се вклучени во кредитот, тогаш сите трошоци за кредитот би требало да се нула отсто и клиентите мора тоа да го видат при прегледот на амортизациониот план, кој што финансиската институција, без разлика дали е финансиско друштво, или банка или штедилница, мора да му го даде при потпишувањето на договорот. Доколку тие подигнуваат 30.000 денари и враќаат 30.000 денари, тогаш е јасно дека е нула отсто каматата и дека нема дополнителни трошоци. Но, доколку подигаат 30.000 денари, а треба да вратат 33.000 денари, тогаш јасно е дека има некои скриени трошоци и тие не би требало да го земат тој кредит, односно да го потпишат тој договор.

А, воедно, и финансиските друштва или другите институции кои што рекламираат кредити со нула отсто, а не се, а наплаќаат некои трошоци, тогаш Министерството за финансии си има формиран посебен оддел за контрола на финансиските друштва и треба да реагира и да ги казни согласно Законот за заштита на потрошувачи“, вели Никола Јошевски, претседател на Групација на небанкарски финансиски друштва при СКМ.

„Казните кои што ги имаме на располагање согласно Законот за финансиските друштва, значи не се само глоби, односно не се само прекршоцни платни налози, туку имаме тука на располагање и други механизми, како што се наредба за отстранување на неправилности со рок, тука исто така и привремена забрана за една или повеќе од финансиските активности, што има карактер и за забрана за работа. Глобите во Законот за финансиски друштва и Законот за заштита на потрошувачи при договори за потрошувачки кредити се движат во распон од 1.000 до 10.000 евра во зависност од видот на прекршокот. Тука е исто така важно да се каже и граѓаните да бидат исто така запознаени дека Министерството за финансии го врши надзорот врз основа на овие два закони, додека пак во зависност од областа, надзор и контрола на нивното работење може да врши и Управата за финансиско разузнавање во делот на регулативата која што го регулира спречувањето перење пари и финансирање тероризам, каде што овде глобите се значително повисоки. Тука е исто така и Министерството за внатрешни работи доколку граѓаните се соочуваат со одредени закани при наплата на кредит, доколку сметаат дека се злоупотребени личните податоци итн. Тука е исто така и Агенцијата за заштита на личните податоци, како и Управата за јавни приходи во делот на даноците.
Финансиско друштво не може да му одобри кредит на физичко лице доколку тоа конкретно лице веќе има долг кон истото финансиско друштво. Што ова значи во пракса? Во минатото имаше случаи каде што одреден граѓанин има кредит од едно финансиско друштво – истиот не може да го плати од икс причини. Потоа финансиското друштво му одобрува нов кредит на повисок износ со повисоки трошоци, па трет кредит итн., додека да се доведе во ситуација каде што веќе не може воопшто да плаќа, па се вклучуваат извршители итн. На овој начин, преку утврдувањето дека не може да му одобри кредит доколку има долг, значително се спречува презадолженоста“,
вели Иван Недев, раководител на сектор за финансиски систем во Министерството за финансии.

Според Законот за облигациони односи, каматата не може да изнесува повеќе од 12 проценти. Останатите надоместоци кои што ги има во договорите за кредит се уредени во Законот за заштита на потрошувачи и годишната стапка на вкупни трошоци максимално може да е пет пати над законската казнена камата, односно во моментов изнесува 60 проценти.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притвор од 30 дена за екс директорот на Царина, Стефан Богоев и другите тројца осмничени за местење тендер

Дејан Дејан

Протест на граѓани поради опасното возење и сообраќајните несреќи на улицата „Бутелска“ – бараат надлежните бргу да реагираат

Igor Trajkov

(живо)Ова е рана фаза на истрагата, ќе се обезбедуваат и дополнителни докази, вели обвинителката за случајот со Богоев – Се чека одлуката на Кривичениот суд за барањето за притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе