За само шест месеци биткоинот ја преполови својата вредност и од околу 125 илјади долари на почетокот на октомври, сега се спушти под 70 илјади долари, а на моменти се тргува и по цена од околу 65.000 долари.
Покрај биткоинот, во последно време паѓа вредноста и на другите поголеми криптовалути, при што вредноста на солана сега е само третина од цената по која што се тргуваше пред половина година. Од над 11.000 долари падна на околу 4.500. Слично реагира и итериумот, кој за истиот период од 4.500 долари падна на 2.000.
Иако падот на најголемата криптовалута, биткоинот, не е директно поврзан со случувањата на Блискиот Исток, сепак геополитичките турбуленции се чувствуваат и тука. Според познавачите на пазарот, падот претставува нормална корекција на пазарот по големиот раст, ама зголемената неизвесност поради економските и геополитичките случувања само ја одолговлекува таа корекција.
„После еден период на силен раст којшто го имаше биткоинот претходната година, очекувано беше да има еден период на стагнација, односно период на – како што се кажува на традиционалните пазари – корекција. Значи, периодот на корекција беше очекуван, но се случи поврзан со други макроекономски фактори кои што влијаеја да биде многу подолготраен отколку тоа што обично би се очекувало. И затоа имаше една полупанична ситуација во текот на минатиот период, крајот на 2025-та година и фактички со оваа нова геополитичка ситуација што ја имаме на Блискиот Исток таа да се продолжи.
Биткоинот и другите виртуелни средства, криптовалути, веќе се однесуваат како традиционалните пазари. Таму има сериозен влез на институционални инвеститори, на хеџ фондови, така да ги следат, фактички се пресликуваат со нормалните тенденции на традиционалните финансиски пазари. Првичниот шок беше апсорбиран, како на тардиционалните финансиски пазари, така и на пазарот на криптовалути и нормално имаше дури и еден нагорен тренд. Така да, да, очекувам дека тоа би се стабилизирало, но сè зависи од геополитичката ситуација бидејќи таа предничи. Не само геополитичката ситуација, тука е и макроекономската ситуација, стапките на инфлации, парите се скапи, институционалните инвеститори во тој момент нормално, повлекуваат средства и нормално е да повлекуваат и ризични средства. А, виртуелните средства сè уште се сметаат за ризични средства“, вели Душко Гошевски, поранешен комисионер во Комисија за хартии од вредност и адвокат.
Индексот на страв и алчност, кој речиси во реално време го покажува расположението на пазарот, крипто пазарот моментално го сместува во зоната на екстремен страв. А кога на пазарот владее прекумерен страв, тоа води до пад на вредноста на криптовалутите. Спротивен ефект се случува ако на пазарот владее премногу алчност.
„Криптопазарот имаше еден голем скок од пред година дена кога вредноста достигна околу 130.000 долари, зборувам за биткоинот кој достигна меѓу 120-130 илјади, кој во моментот е 65-67 илјади. Така што, велам, сето тоа се одразува и на криптопазарот. Тој е многу мал во однос на сите овие други финансиски пазари, меѓутоа криптопазарот, пак, е многу волатилен. Тој многу бргу осцилира нагоре-надолу, за разлика од другите пазари кои што се поголеми и не може да отиде во рок од 12 месеци да падне 50 отсто, значи на половина, или да отиде нагоре. Меѓутоа, кај криптопазарот тоа е можно. На критпоберзите имаме ситуации кога една криптовалута расте 10 проценти во ден, или паѓа 10 проценти во ден, што на сите други пазари е многу тешко или да не речам неизводливо.
Значи, криптопазарот е многу специфичен и криптопазарот и сите други пазари го имаат оној индекс на доверба, каде што во моментот е екстремно, екстремно низок тој индекс на доверба. Кога е стабилна целокупната светска економија, кога сè е подредено, ги немаме овие осцилации со војни, со кризи, со сите тие работи, тогаш и криптопазарот е многу повеќе отворен и кон инвестиции и кон раст генерално на целата криптоберза“, вели Александар Тасевски, соосновач на криптоклубот „Крипто хаус“ и генерален секретар на криптоздружението „2 The Moon“.
Познавачите на криптопазарот веруваат дека станува збор за вообичаени флуктуации кои во случајов се само малку подолготрајни, но не претставуваат долгорочна слабост на криптовалутите. Сепак, тие сè уште важат за ризични средства, од каде инвеститорите се повлекуваат во турбулентни времиња.
„Иако беше замислено како дигитално злато, во реалноста не е тоа баш така, сè уште се смета… Иако е стабилизиран како финансиски пазар, има сериозна регулација во светот, но сè уште се смета како за поголем вид на ризично средство од, на пример, златото или доларот. Така што, да, при вакви ситуации кога имаме повеќе фактори – како макроекономски, така и геополитички, нормално е инвеститорската јавност да ги повлекува своите средства од поризични и да ги става во помалку ризични: во обврзници, злато, долар итн. Така да, тоа што го гледаме е сосем нормално.
Во основа имаме сензибилизирана финансиска структура и секоја една изјава, која што води кон зголемување на тензиите или кон намалување на тензиите, исто така влијае на цените како на традиционалните финансиски пазари, така и на пазарот на виртуелни средства“, вели Душко Гошевски, поранешен член на Комисија за хартии од вредност и адвокат.
Познавачите на пазарот не го препорачуваат ваквиот тип инвестиции за луѓе кои не се подготвени да чекаат поврат на вложените средства подолго време.
„Криптопазарот е еден многу специфичен пазар, каде што криптопазарот не е предвиден за луѓе кои што сакаат да инвестираат и во секој момент да ги повлечат средствата. Не дека не можат, меѓутоа ако некој купил, еве да не одиме во екстремата, ако некој купил не на 120.000, и на 100.000 долари да купил, а денес треба да го продаде за 60.000-65.000 затоа што му требаат тие пари, тоа не е препорачливо, мислам нормално дека е финансиска загуба. Меѓутоа, велам, она што е интересно е дека генерално криптопазарот оди нагоре.
Значи, генерално криптопазарот како среднорочна инвестиција е многу добар, меѓутоа не е некој ако сака сега да купи па за кратко време да ги продаде тие средства“, вели Александар Тасевски, соосновач на криптоклубот „Крипто хаус“ и генерален секретар на криптоздружението „2 The Moon“.
Иако во поразвиените земји одамна е пракса плаќањето со криптосредства, во Македонија останува предизвикот со регулативата на криптопазарот.
Од Народната банка велат дека внимателно ги следат глобалните и регионалните движења поврзани со крипто-активите и дигиталните финансиски иновации.
„Важно е да се направи јасна разлика: крипто средствата, и покрај тоа што се користат за различни дигитални трансакции, не претставуваат пари во смисла на законско средство за плаќање издадено од централна банка. Тие не се средство на кое му е доверена стабилноста на вредноста, ниту пак се поддржани со институционални механизми за заштита на потрошувачите и стабилноста на финансискиот систем. Со еден збор, крипто средствата не вршат ниту една од функциите на парите (пресметковно средство, средство за размена и средство за чување на вредност), велат од Народната банка. Оттаму посочуваат дека во досегашната практика нивната употреба е ограничена на нелегални и шпекулативни активности, но тоа не се однесува на т.н. „стабилни валути“ (stablecoins), засега издавани доминантно од страна на субјекти од САД, кои се со потенцијал за примена во совремнените системи за плаќања.
Мирјана Јовеска
