Вести Македонија Најважни

Европски Фронт и ДУИ бараат „државна тајна“ без безбедносна проверка за сите пратеници по автоматизам

Европскиот Фронт предлага сите пратеници автоматски, без безбедносни проверки да добијат „државна тајна“ сертификати. Може Устав да смениме, ама не може сертификат со функција да добиеме, вели предлагачот Скендер Зејд Реџепи.

Со законска измена, Европскиот фронт предводен од ДУИ бара сите пратеници автоматски да добијат безбедносен сертификат од сите степени, вклучително и државна тајна, наместо како досега тоа правило да важи само за неколку врвни функционери во државата. -Не бираат граѓаните, можеме и Устав и граници да смениме, но не може да добиеме безбедносен сертификат од тие кои ние ги бираме, ни изјави телефонски пратеникот Скендер Зејд Реџепи кој ги предводи потписниците на овој предлог доставен во Собранието.

Откако речиси два месеци, како претседател на комисијата за надзор на тајните служби, АНБ и Агенција за разузнавање, нема одговор од надлежната Дирекција за безбедност на класифицирани информации по барањето да добие безбедносен сертификат,  пратеникот Реџепи го поднесува овој закон и се надева дека пратениците ќе го изгласаат. Бидејќи во моментот се уште нема сертификат „државна тајна“, работата на надзорната комисија е закочена, а Реџепи ја водеше првата седница на комисијата која помина бурно без да се сослуша повиканиот директор на АНБ, Бојан Христовски за да биде распрашан за својата биографија. И во телефонскиот разговор и во образложението на законот, Зејд Реџепи се повикува на искуството од Словенија.

-При што во моментот на стекнување на пратеничкиот мандат, пратениците се стекнуваат и со Безбедносен Сертификат со важност додека трае мандадот на пратеникот. Имено, пратениците се народни избраници, со можност на одлучување за сите државни законитости, вклучително и Устав и граници на државата, затоа нивното безбедносно оспорување би било спротивно со горенаведените права, стои во образложението на предлог-законот. 

Дебатата допрва треба да почне, а Реџепи вели дека во исто време би требало да се смени и законот за пратеници со што секој кому му бил одземен сертификат доколку службите така утврдат -нема да има право да биде пратеник.

Таква проверка би се случувало по автоматско добивање сертификат, доколку се донесат измените. Во моментот, законот предвидува безбедносни проверки за пратениците кои се вршат во АНБ, за да се спречи неподобно лице да може да пристапи до државни тајни.

Во пракса многу често се случувало пратеници да не добијат сертификат, а процедурата може да се користи и за политичко влијание или пак да се спречи работа на надзорни тела на тајните служби. Сепак, вообичаена пракса во НАТО државите е прво да се врши проверка па потоа да се издаде сертификат.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Рашче под притисок, дивите приклучоци го уништуваат капацитетот

Дејан Дејан

Разговори за можно примирје во Појасот Газа во Белата куќа- Нетанјаху на вечера кај Трамп

Дејан Дејан

Продолжуваат спасувачките напори во Тексас – над 100 загинати

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе