Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен во случајот „Државна лотарија“ повеќе не е во Косово, туку во Албанија. Ова го тврди првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити кој во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“, кажа дека според неговите информации Груби сега се наоѓа во нашиот западен сосед.
„Според информациите, не е на Косово, туку во Албанија. Но, тоа не е важно. Со бегството, тој ја докажал вината и затоа ја напуштил државата. Сигурен сум дека органите на прогонот ќе поднесат меѓународна тужба преку Интерпол и дека ќе се соочи со правдата, можеби денес, утре или задутре“, рече Меџити во интервју за „Ора вести“.
МВР за Груби и за поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами распиша меѓународна потерница. Се гонат за проневера од околу 8 милиони евра. Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување. Од МВР за Телма велат се преземаат мерки за пронаоѓање на Груби.
„За лицето за кое прашувате е распишана меѓународна потерница и во координација со Интерпол и полициите од другите држави се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.
МВР вчера поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и против полицискиот службеник со иницијали Б.Ј, кој му дозволи на Груби да ја премине границата „Долно Блаце“ иако за него имало активна мерка „задржи и веднаш извести“. Полицискиот службеник не извршил адекватни проверки на „мерцедесот“ со дипломатски таблички, не го евидентирал за остварување излез и Груби и неговиот сопатник почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику ги завел дека пеш ја поминале границата. Груби границата ја поминал со македонски пасош.
Од СДСМ реагираа денеска дека власта го пуштила Груби и постојат сомнежи дека станува збор за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и бројните пропусти се потврда за тоа.
„Од дојавата дека е поднесена кривична пријава, преку поставување на мобилна патрола без никаква информација па се до поминувањето преку граничниот премин Блаце без проверка, дозволено од страна на лицето БЈ назначен од Тошковски. Фатена во овој голем скандал власта прво се обиде кај батериите на камерите да ја префрли вината а сега лицитира каде се наоѓа Груби, дали е во Косово или Албанија. Косовската граница е решето, отворена за бегање на криминалци. Владините функционери наместо да лицитираат треба да понесат одговорност. За бегството на Груби, односно пуштањето надвор од границите на државата Тошковски веќе требаше да си поднесе оставка.“
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ е одговорна.
„Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност. Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Телма веќе пишуваше дека не се отфрла можноста тој да поседува албанско државјанство и да го продолжил патувањето под радарот на полициите од регионот. Неговиот адвокат Владимир Доневски вчера се огласи дека нема основ Груби да се гони за кривичното дело кое му се става на товар.
Марија Митевска