Црнила и пустош на само неколку метри од станбените згради, остави вчерашниот пожар во скопска Кисела Вода. Местото познато како Расадник двапати за неколку часа беше точка на дејствување на скопските пожарникари.
Оган се разгоре на две локации, а со тоа пламнаа и шпекулациите – дали некој го подметнал истиот и со каква цел.
Телма побара одговори од МВР – дали се утврдени причините за пожарот и дали е најдено одговорното лице, во случај пожарот да е подметнат.
Официјална потврда за такво нешто нема, а од полицијата засега велат само дека СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.
Додека јавноста очекува да се дознае дали некој намерно го подметнал огнот и дали некој е повикан на разговор во станица, од Општина Кисела Вода за Телма велат дека и тие чекаат информации од МВР.
Вчера, градоначалникот на Кисела Вода се обрати до жителите преку социјалните мрежи и побара смиреност – тврди дека нема да дозволи никој да гради згради без план, на опожарени површини.
По бројните несогласувања и кавги во јавноста помеѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој е и претседател на ЗЕЛС, со соопштение се јавија од Град Скопје од каде што подаваат рака на Општина Кисела Вода, просторот да се оплемени, наместо да остане запуштен.
„Со цел оплеменување на опожарениот простор и заштита на животната средина, апелираме општина Кисела Вода да го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка со Град Скопје за изградба на нов мега-парк на таа локација. На овој начин жителите на општината ќе добијат нов зелен појас наместо запуштен простор, кој во моментов претставува опасност по животот и здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Од скопската пожарна, за Телма брифираат дека се уште немаат сознанија колку голема површина изгоре при пожарот.
Тоа ќе се знае по увидот и анализите, кои ќе бидат готови за неколку дена.
Петар Догов