Вести Македонија Најважни

По обидот за поткуп, повлечени членовите од Комисијата за евалуација за пругата кон Бугарија – процесот е компромитиран, тврдат од Владата

Нема сериозен проект и процесот за избор на надзор и изведувач е копмромитиран – ваков е ставот на министерот за транспорт, за третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија.

Два дена откако премиерот Мицкоски обелодени дека некој се обидел да го поткупи, министерот Николоски информира дека се повлечени членовите на евалуационите комисии, коишто биле претставници на Министерството за транспорт и на Македонски железници – Инфраструктура.

Николоски нема информации дали некој се обидел и нив да ги поткупи, не одговара директно ниту на прашањето дали тој бил жртва на обид за поткуп.

Процесот е доверлив, но на јавниот повик се пријавиле седум компании и министерот за транспорт кон нив го вперува прстот за обидот за влијание со мито.

„На овој повик нема пријавено ниеден учесник од сериозна земја-членка на Европската унија. До тука можам да кажам затоа што процесот е доверлив. Мислам дека тоа кажува се во однос на тоа какви компании учествуваат. И да, тие компании мислат дека преку свои посредници можат да направат обид за поткуп кај мене, кај премиерот, можеби кај членовите на евалуационата комисија и така натаму“, вели министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски.

Пругата којашто е дел од Коридорот 8 останува стратешки важна, но мора да се изработи проект којшто ќе биде реален и изводлив, смета Николоски.

Претходно, власта најави дека се залага за пренамена на средствата од коридорот 8 за коридорот 10, односно пругата кон Солун која е препознаена како повеќе потребна, а наспроти најавите дека не може да се пренаменат кредитите и помошта од ЕУ и од Европската банка.

Треба да се изградат 22 тунели и 56 моста на делница од само 23 километри, проектот е прескап и чини околу 20 милиони евра по километар, а треба и источниот сосед да си го заврши својот дел од работата – нешто за што нема гаранции.

Премиерот Мицкоски завчера зборуваше дека некој се обидел да го поткупи индиректно преку канали за комуникација за да го поддржи тековниот тендер за пругата.

Сепак, тој не откри во која институција го пријавил тоа, притоа нагласувајќи дека сака да испрати порака до јавноста. Јавноста денеска ја спомена и министерот за транспорт Николоски, како најголем сојузник во борбата со криминалот. Сепак и тој не прецизира каде е пријавено за случајот со поткуп.

Запрашани дали првиот човек на Владата пријавил за случајот, од МВР само општо одговорија дека постапуваат по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција, а од ОЈО за гонење на организиран криминал последните информации се дека не добиле пријава.

„Сите оние институции коишто треба да бидат информирани се информирани. Нормално дека тоа не оди транспарентно, не оди тоа со докази, не оди преку документ на којшто ние ќе се потпишеме“, кажа претседателот на Владата на РС. Македонија, Христијан Мицкоски, на 27.08.2024.

Рокот за доставување на понудите истече на 26 јуни и кон средината на месец септември треба да се избере фирмата која ќе ја реализира третата делница.

Пругата кон Бугарија е дел од Примарната карта на европските транспортни коридори на Европската Унија, а, исто така, е дел и од таканаречениот НАТО Коридор за мобилност.

Сепак и покрај стратешкото значење на оваа железничка инфраструктура, повеќе влади се сменија низ годините, а проектот остана само ветување на хартија, заглавено во третата фаза од реализацијата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео)Бел чад од Сиктинската палата – Избран нов Папа на римокатоличката црква

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Силјановска: Книгите што ги читаме, на кои се навраќаме, многу повеќе говорат за нас, од било кое CV

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе