Вести Најважни Свет

Истоварен првиот брод со хуманитарна помош што пристигна во Газа

Товарот од првиот брод со хуманитарна помош што пристигна во Појасот Газа од Кипар е истоварен и се подготвува за дистрибуција до населението на кое му се заканува глад по пет месеци војна, соопшти денеска невладината организација „Светска централна кујна“.

Пратката од речиси 200 тони храна е пренесена од Кипар со брод на шпанската невладина организација „Опен Армс“, кој во вторникот тргна од кипарското пристаниште Ларнака и вчера пристигна во Газа.

По пристигнувањето, бродот се закотви на привремен брег, а хуматитарната помош беше натоварена на 12 камиони.

Испратената храна треба да се користи за подготовка на оброци за жителите на северниот дел на Појасот Газа, каде што хуманитарната ситуација е особено тешка.

Израелската војска вчера објави дека бродот поминал целосна безбедносна проверка и дека се испратени војници да ја обезбедат областа каде што била истоварена пратката на брегот југозападно од градот Газа.

Тоа е првиот брод што пловеше низ морскиот коридор отворен од Кипар, земја на ЕУ најблиску до Појасот Газа, поради итната хуманитарна ситуација и недоволната количина на помош што стигнува по копно во таа енклава под израелска опсада.

„Светската централна кујна“ соопшти дека се товари уште еден брод со помош во Ларнака, но засега не се зане кога ќе замине за Газа.

Меѓународната заедница и невладините, сепак, нагласуваат дека поморскиот коридор и испраќањето помош од воздух со падобрани не може да биде замена за копнените патишта.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, чадот стигна до автопатот – интервенираат „ер трактори“

Kristina Kuzmanovski

Не споделувајте лични податоци и броеви на банкарски картички – МВР со предупредување до граѓаните за нов бран на лажни пораки за „Безбеден град“

Sasko Dimovski

Десет повредени во судир на три возила на патот Кичево – Охрид

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе