Вести Најважни Свет

Спасувачите во трка со времето, копаат со голи раце – од под урнатините извлекуваат преживеани и по 3 дена од земјотресот

Оган на отворено, тап поглед и молитва во мислите. Топло кебе е единственото засолниште, по некоја чашка топол чај за пресушеното грло од незапирливите солзи. Во тек е френетична трка за да се пронајдат уште преживеани и да им се помогне на повредените. Кога добрата вест за спасен човечки живот ќе стигне од медицинскиот персонал и спасувачките тимови луѓето извикуваат „Господ е Голем!“.

Сонер Гунер, таткото на Хазал Гунер, беше спасен два часа по неговата ќерка од рушевините во Антакија. Тој беше извлечен во 74-тиот час по разорниот земјотрес што го погоди градот и уби околу 13.000 во јужна Турција. Гунер со слаб глас им шепна на спасувачките тимови- „Ве сакам сите“.

Господ е голем!

„Те испраќам кај ќерка ти, во полската болница.

Сонер Гунер: Ве сакам сите.

Спасувачки персонал: .. и ние те сакаме, брат.”

Прегратка и уморни насмевки меѓу спасувачите и секако фотографија за да се овековечи моментот кога со свои раце спасија еден човечки живот.

Господ е голем! Господ е голем!

Бебето по име Хелен го извлекоа од урнатините по 68 часа, спасувачите ја завиткаа во ќебе, а мажот кој ја извлече и рече: „Би умрел за тебе. Фала му на Бога!“.

Десетгодишниот Мехмет веќе е во рацете на спасувачите од Истанбул, еден од нив кој ја снима акцијата објаснува дека рушевините биле врз него 68 часа. Се завршува со аплауз и големо „браво“ пред Мухамед да биде однесен на носилки.

„Сега е 21:48. Пронајден е преживеан, имаме уште едно лице долу… тој излезе од урнатините скоро 65 часа по земјотресот.

Спасувачите извлекоа уште преживеани од под разурнатите згради денеска, но надежите полека почнуваат да бледнеат дека ќе најдат уште многу живи луѓе. Како што влеговме во четвртиот ден така ја губиме надежта, велат роднините на затрупаните.

  • Ги спасивме вујко ми и неговите два сина. Среќни сме поради тоа. Тие беа спасени пред два часа. Постариот син е медицински лице, а другиот инженер, вујко ми е во пензија. Ги испративме во универзитетската болница. Сите се добро, фала му на Бога, но ја загубивме жената на вујко ми, вели Џенгиз Табур, роднина на луѓето зафатени во земјотресите
  • Влеговме во четвртиот ден. Тимовите за пребарување и спасување напорно работат на спасување на затрупаните луѓе. Да беше првиот или вториот ден, ќе можевме да ги спасиме живи. Ја изгубивме надежта како што влеговме во четвртиот ден, тие се заробени под приземјето, вели Хусеин Калкан, роднина на заробени луѓе.

Пустошот кој се гледа од сателитските снимки во погодените од земјотресот турки провинции, ќе остави неизбричливи траги и врз човечките животи кои беа очи в очи со еден од  најсмртоносните земјотреси во светот во повеќе од една деценија.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе