Марко Бецеки дојде до четвртата сезонска победа во Мото ГП шампионатот, откако денеска беше најбрз на трката за Големата награда на Италија на патеката „Муџело“. За фабричкиот тим на Априлија ова беше петта победа на седмата трка сезонава.
Бецеки ја претвори пол-позицијата во победа и првпат славеше пред домашната публика. Италијанецот финишираше со 3,5 секунди предност пред тимскиот колега од Априлија, Хорхе Мартин.
Подиумот го комплетираше Франческо Бањаја од Дукати. Актуелниот светски шампион Марк Маркез се врати на патеката по двете операции и го освои седмото место, зад Аи Огура, Фабио ди Џанантонио и Педро Акоста.
Осми беше Раул Фернандез, а потоа следуваа Фермин Алдегер, Диого Мореира, Бред Биндер и Жоан Мир.
Бецеки останува лидер во генералниот поредок со 173 бода, пред тимскиот колега Мартин со 156, додека Ди Џанантонио е трет со 134 бода.
Следниот викенд се вози осмата сезонска трка за Големата награда на Унгарија на патеката „Балатон Парк“.
