Возачот на аудиото кој ја предизвика сообраќајната несреќа во која загина 19 годишен мотоциклист бил под дејство на дроги, а несреќата се случила кога на двојна полна лента се обидел да сврти лево на кртосницата. Со тоа „свесно го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето“, соопшти Обвинителството и донесе Наредба за спроведување истражна постапка за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Осомничениот 31-годишник вчера во вечерните часови управувал автомобил Ауди А4 по булеварот “Никола Карев” и кога дошол до крстосницата со улицата “Прохор Пчињски”, не ја почитувал сообраќајната сигнализација и на удвоена полна линија навлегол во двете сообраќајни ленти за возилата од спротивен правец, свртувајќи во лево на крстосницата. Спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилото го управувал под дејство на наркотична дрога.
Со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл БМВ, додека во задниот дел на неговиот автомобил удрил мотоцикл Хонда ХДВ, кои доаѓале од спротивна насока и се движеле паралелно.
Од силината на ударот, 19 годишното момче кое управувало со мотоцикл БМВ се здобило со тешки телесни повреди од кои починало.
Поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците или да го повтори делото, јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Приведен возачот на аудито од сообраќајката во која загина мотоциклист
