Вести Македонија Најважни

Приведен возачот на аудито од сообраќајката во која загина мотоциклист

Денеска на местото на несреќата е раздвижено, но никој не сакаше јавно да сведочи за она што се случувало синоќа, кога загина 19-годишното момче кое возело мотор марка БМВ, а во несреќата учествувал автомобил „Ауди А4“ и уште еден мотор „Хонда“ кој го возел 21-годишно момче. Според првичните информации несреќата се случила кога автомобилот, вртејќи кон лево, го пресекол патот на моторот кој доаѓал од страна на Автокоманда пришто директно се судриле. Момчето имало тешки телесни повреди и починало на скопската клиника, додека возачот на аудито е заджан на распит.

„Извршен е увид на лице место. Се издаваат наредби и насоки за расчистување на настанот. Обезбедени се снимките од видео надзор, а едно лице е задржано и се постапува“, соопштија од Јавното обвинителство.

Снимка која ја објави интернет порталот Скопје1, сведочи за стравичниот момент. Само после две секунди од ударот доаѓа друг мотор „Хонда“ и удира во задната страна на истиот автомобил, но веднаш се крева на нозе и бара помош. Од етички причини Телма нема да го емитува моментот на сударот, но на снимката се гледа дека и двете момчиња возат брзо, речиси паралелно и без кацига.

Возачот на аудито, пак, вози кон спротивната насока, сакајќи да влезе во споредна уличка. По сударот останува во возилото, а дел од сведоците во останатите автомобили си заминуваат.

Според она што можеше да го забележи Телма, снимката е направена од камера на објект за продажба на детски велосипеди и играчки. Таа најверојатно ќе биде еден од доказите кои обвинителството веќе ги обебзедило.

Дел од луѓето кои ги затекнавме денеска таму коментираат дека, и покрај тоа што треба да има и пешачки премин и полна линија на булеварот на кој се вози во две насоки, сепак, тие се избледени.

Според она што го објави Министерството за внатрешни работи (МВР), несреќата се случила во 22:21 часот на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчински“. Во близина на местото каде се случи несреќата има и камери на „Сејф сити“ кои мерат брзина на движење. МВР тврди дека токму од воведувањето на овој систем, сообраќајните незгоди се намалени за 10 проценти, споредено со лани во истиот период. Последната статистика која беше објавена е за јануари и февруари, кога се случиле 929 сообраќајки, во споредба со 2025 година истите месеци кога се случиле 1.030.

Сообраќајна незгода се случи пред еден ден во кумановско Черкези, а загина 13 годишно дете кое возело тротинет, во судар со автомобил „Мерцедес“. Пред само една недела на скопската обиколница, пак, загинаа три момчиња и таткото на едно од нив, кога камион директно удри во нивното возило кое целосно изгоре.

Јавноста, пак, сè уште не ги заборавила и неколкуте сообраќајни незгоди за кои сега се водат или пак завршија судските процеси. Таков е случајот со сообраќајката на „Партизанск“а во која загина младата Фросина Ќулакова, а возчаот доби 13-годишна затворска казна. Во тек е судењето и за пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, поради тешка сообраќајна несреќа што се случи во скопско Марино. Во несреќата животот го загуби 16-годишниот мотоциклист Матеј Димовски.

Во кривичниот суд се води и процесот за незгодата во која загина поранешниот директор на Охис, Јорго Ќука. Таму е обвинет Харис Качапор, бидејќи со возило го усмрти Ќука кој се возел на велосипед и го напуштил местото, правдајќи се дека заминал во болница.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трговската размена меѓу Македонија и Индија за пет години да биде половина милијарда долари – средба на претседателките Силјановска Давкова и Мурму во Скопје

Sasko Dimovski

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Шестотини тони мазут позајмени пред осум години на Армијата од задолжителните резерви, сè уште не се вратени – извештај на ДЗР

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе