Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски претстојниот викенд во Скопје ќе ја отвори натпреварувачката сезона на отворено со настап на Сениорскиот куп на Македонија на арената „Тодор Проески“.
Главната цел на македонскиот рекордер во скок во далечина годинава ќе биде пласман на Европското првенство во Бирмингем, а потоа и настап на Медитеранските игри во Таранто, Италија, каде што неговите амбиции ќе бидат насочени кон борба за медал. Европското првенство во атлетика во 2026 година се одржува во Бирмингем од 10 до 16 август, а личниот и македонски рекорд на Трајковски во скок во далечина изнесува 7,91 метри.

„Андреас се наоѓа во одлична форма и очекуваме оваа сезона да го покаже најдоброто во својата дисциплина. Во следниот период го очекуваат неколку меѓународни настапи, а главната цел е да обезбеди пласман преку ранкинг-системот за Европското првенство во Бирмингем. Потоа следува настапот на Медитеранските игри во Таранто, каде што целта ќе биде борба за медал“, изјави Кире Синадиновски, претседателот на АК Работнички.
Трајковски минатата сезона испиша нова страница во македонската атлетика со пласман во финалето на Европското првенство во сала во Холандија, каде заврши осми во скок во далечина.
„Се чувствувам одлично и во оваа натпреварувачка сезона очекувам да го надминам мојот најдобар резултат, кој е и македонски рекорд од 7,91 метри, а зошто да не и да ја прескокнам магичната граница од осум метри. Се надевам дека ќе обезбедам пласман на Европското првенство во Бирмингем, а таму мојата цел ќе биде да влезам во уште едно финале за Македонија и да ја направам горда македонската спортска јавност“, истакна Трајковски.

Покрај спортските цели, Трајковски ја продолжува и поддршката за младите атлетичари. Тој донираше комплетна спортска опрема за членовите на АК Работнички преку неговиот личен бренд „Jumpers World Sportswear“ (Светот на скокачите).
„Најважна е поддршката на младата генерација, бидејќи тие се иднината на нашиот спорт. Инвестирањето во младите атлетичари, создавањето можности и помагањето во нивниот развој е клучно за иднината на атлетиката. Се надеваме дека преку ова партнерство ќе ја инспирираме следната генерација да сонува за поголеми успеси и да работи уште понапорно“, нагласи Трајковски.

