Улиците повторно зедоа данок, вчерашниот ден исполнет со полициски и сирени на брзата помош. Две лица завршија со тешки телесни повреди. Едното е четиригодишно дете, а повреден е и 18-годишник во Пробиштип од свој сограѓанин. Четиригодишното дете е тешко повредено вчера попладне околу 17 часот кога било удрено од возило марка „Фолксваген туран“ во близина на пазарот во населба Драчево. Оперирано е во текот на ноќта.
„Вчера на Клиниката за детска хирургија е примено четиригодишно дете коешто настрадало како пешак во сообраќајна несреќа. Свесно е и контактибилно, има тешки телесни повреди – скршеница на десната потколеница. Меѓутоа не е витално-загрозувачка состојбата. После соодветните предоперативни подготовки внесено е во операциона сала, ноќеска го оперирав. Се чувствува добро и очекувам за неколку дена да биде пуштено на домашно лекување“, ни изјави д-р Лазо Јовчески, директор на Клиниката за детска хирургија.
Во меѓувреме, полицијата и денеска со апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите. Оваа порака од МВР е дел од соопштението коешто се однесува на вчерашните контроли на терен спроведени низ целата држава. Припадниците на полицијата привеле осум возачи на улиците поради тешки сообраќајни прекршоци.
„Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, во Неготино, во Тетово, во Кочани и во Делчево управувале возило без возачка дозвола. Еден возач во Виница управувал возило, иако имал мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и бил под дејство на алкохол“, информира МВР.
Од МВР вчера соопштија и дека за една седмица се констатирани 4.490 сообраќајни прекршоци преку системот „Безбеден град“, а за 10% е намален бројот на прекршоци споредено со првата недела во февруари.
Петар Догов
