Uncategorized Вести Економија Топ вести

Е-трговијата во ерата на вештачка интелигенција: каде е Северна Македонија?

Северна Македонија значително заостанува не само зад просекот на Европската Унија туку и зад балканските пазари во однос на подготвеноста на државата за е-трговија поддржана од вештачката интелигенција.

Според AI Preparedness Index (AIPI), индексот што го воведе Меѓународниот монетарен фонд во 2023 година и кој ја мери подготвеноста на земјите да ја применуваат вештачката интелигенција на одржлив и инклузивен начин, Северна Македонија има просек од 0,48.

Европските лидери како Данска, Естонија и Холандија имаат индекс над 0,76, а од државите во Западен Балкан најдобри резултати на овој план покажува Босна и Херцеговина.

Според Асоцијацијата за е-трговија, ова укажува дека бизнис-екосистемот во земјата сè уште нема доволно капацитет целосно да ја искористи вештачката интелигенција во е-трговијата за персонализација, автоматизација, анализа на податоци, логистика и управување со ризици. Главните ограничувања се поврзани со дигиталната инфраструктура, иновативниот капацитет и интеграцијата во глобалната дигитална економија иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.

– Е-трговијата во Северна Македонија бележи силен раст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет. Вештачката интелигенција не е технологија на иднината, таа е реалност денес што го менува начинот на кој функционира дигиталната економија. Нашата задача е да им помогнеме на е-трговците, институциите и на потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација преку приближување на клучните трендови и континуирана едукација, иницијативи и кампањи – вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Северна Македонија, Нина Ангеловска-Станков.

Од друга страна, податоците во прегледот на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од страна на Асоцијацијата за е-трговија, покажува дека 63,2 проценти од интернет-корисниците во земјата купувале онлајн во 2024 година, што ја позиционира Македонија меѓу водечките пазари во регионот по учество на онлајн-купувачи, иако е сè уште под европскиот просек.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео+фото) Откорнати лимови од покриви, скршени дрвја и гранки – апокалиптични сцени од невремето во Скопје

Sasko Dimovski

Трговската размена меѓу Македонија и Индија за пет години да биде половина милијарда долари – средба на претседателките Силјановска Давкова и Мурму во Скопје

Sasko Dimovski

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе