Вести

Шестотини тони мазут позајмени пред осум години на Армијата од задолжителните резерви, сè уште не се вратени – извештај на ДЗР

Трајно се издавале деривати од нафтените резерви со одлуки од Влада по прогласена кризна состојба, со што се нарушува состојбата со задолжителните резерви што државата треба да ги поседува во секое време. Ова е една од клучните забелешки на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за работата на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви во 2024 година.

ДЗР утврди дека повеќе од седум години не биле вратени 600 тони мазут, што од задолжителните резерви биле позајмени за непречено функционирање на Армијата, иако обврската била да се вратат до крајот на 2017 година. Станува збор за мазут во вкупна вредност од 272.000 евра.

Освен тоа, со одлука на Влада во декември 2024 година, годината во која Европа се соочи со сериозна енергетска криза, за производство на струја на ЕСМ се отстапени скоро 11.000 тони мазут, што претставува половина од вкупните количини таа година. Иако законот дозволува користење на резервите во енергетска кризна состојба, сепак тоа се врши со издавање на краткорочни позајмици, додека во случајов тие се отстапени без надомест. Згора на тоа, во 2025 година на истиот начин се подигнати уште 2.500 тони мазут.

„Истакнуваме дека, иако издадените количини се во рамки на законски утврдените количини, нивното намалување за 75% во рок од скоро една година придонело резервите на нафта и нафтени деривати кои пред нивното издавање овозможувале покриеност од 52 дена, да се намалат и да обезбедат 42 дневна покриеност“, пишува во извештајот на ДЗР.

Инаку, законските регулативи ја обврзуваат државата во секое време да има обезбедени резерви на нафта и нафтени деривати во количини што одговараат на 90 дена од просечниот нето увоз или на 61 ден од просечната дневна домашна потрошувачка. Задолжителните резерви може да се користат при прогласена кризна состојба со снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје и со снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата.

ДЗР утврдиле и дека Агенцијата неколку години не донела предлог одлука за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви до надлежното министерство. Потоа, исплатените плати и надоместоци не се усогласени со законската регулатива, а несоодветно се регистрирало и евидентирало работното време. ДЗР забрележува и дека поради кадровска неекипираност, недостасува внатрешна ревизија во Агенцијата, ниту пак е ангажиран внатрешен ревизор од друг субјект од јавниот сектор иако законот го дозволува тоа.

Мирјана Јовеска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гостиварската вода била безбедна до 13 јули, утврдил Центарот за јавно здравје

Sonja Petrusevska

Одреден 30-дневен притвор за тројцата осомничени за загадената вода во Гостивар – мерката ќе ја издржуваат во затворот во Шутка

Sasko Dimovski

По поскапувањето на терапиите и недостигот на заменски лекови, уште една ранлива категорија пациенти стравува дека може да остане без терапија

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе