Водата се повлекува, водостојот на реките паѓа, штетите се санираат и надлежните се подготвуваат за следниот бран врнежи кој е најавен за утре.
Во битолскиот регион стотина хектари сè уште се под вода, а во градското подрачје се чистат последни наноси на кал. Во охридската населба Далјан сè уште со пумпи се вади водата од подрумите на домовите, а патот кон излетничкото место Бањиче крај Тетово е расчистен но забранет за сообраќај.
Во кочанскиот регион се намалува нивото на водата во сите притоки на река Брегалница кои вчера се излеаја од своите корита и се следи нивото во Каменичка, во Кочанска, во Оризарска и во Злетовска река. Сепак, во селото Грдовци има угинати животни и уништена реколта од поплавата.
Механизацијата е на терен во Ресен и околината, каде што се чистат каналите за да може да истече насобраната вода од силните врнежи на дожд и се расчистуваат последните наноси. Градските власти соопштија дека комплетната механизација е подготвена за утрешниот ден да се дејствува проактивно, доколку има интензивни врнежи на дожд. Препораката да не се користи водата од градскиот водовод останува на сила, иако бактериолошкото испитување покажало дека е исправна, но изворот сè уште е заматен.
Во Кичево состојбата полека се стабилизира. Водата се повлече од поплавените куќи во дивата населба крај реката Сатеска, но домовите се неупотребливи, бидејќи се полни со кал и шут кои ги донесоа надојдените води. На евакуираните граѓани на располагање им стои салата „Христо Узунов“, каде локалните власти обезбедија топли оброци и лекарски тимови за згрижените, како и лица задолжени за одржување на хигиената.
Од УХМР најавија дека викендов нов влажен и студен бран ќе ја зафати државата. Утре, особено во западниот дел од државата, ќе има интензивни врнежи на дожд во пониските места и снег на повисоките места и на планините. Кон крајот на денот на целата територија на државата ќе преминат во врнежи на снег кои ќе продолжат и во недела.
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози. Сите патни правци се проодни а од „Македонија пат“ апелираат на внимателно управување со возилата и прилагодување на брзината спрема условите на патот.
Огнен Чанчаревиќ
