Патник за малку ќе бил исмукан низ прозорецот на кабината среде лет во авион на „Рајанер“.
Очевидци за локалните медиуми изјавиле дека станува збор за српски државјанин на возраст од околу 60 години, кој неколку минути висел со главата надвор од прозорецот до рамениците, сè додека другите патници не успеале да го повлечат назад во кабината.
„Рајанер“ соопшти дека нивниот лет во петокот наутро од грчкиот град Солун кон германскиот Меминген се вратил на аеродромот „кусо време по полетувањето, откако прозорец на авионот се откачил за време на летот“.
„Авионот безбедно слета, а патниците беа вратени во терминалот. Еден патник побара и доби лекарска помош на аеродромот во Солун“, соопшти авиокомпанијата.
Од „Рајанер“ додадоа дека неколку часа подоцна бил обезбеден друг авион, кој го комплетирал летот до Меминген.
Според информациите на патниците, се слушнал силен тресок, по што прозорецот се скршил, а маските за кислород паднале од таванот набргу откако авионот од типот„Боинг 737“ полетал.
Тие сметаат дека прозорецот бил оштетен од парчиња од моторот на авионот, иако „Рајанер“ засега не ја коментираше оваа можност.
„Веднаш сфативме дека дошло до декомпресија. Имаше вресоци. За момент помислив дека некој по грешка ја отворил вратата за итни случаи“, изјавила сопатничката Кристина за Радио Солун.
„Маските паднаа, а се почувствува и силен мирис. Главата и рамената на еден патник беа надвор низ прозорецот. За среќа, тој не го беше откопчал безбедносниот појас“
Авионот во кој се случил несекојдневниот настан бил стар околу 18 години, управуван од „Малта Ер“, подружница на „Рајанер“.
(Видео) Се скрши прозорец на летот од Солун до Меминген – патник спасен во последен момент
