Ќе се изгаснат ли цигарите во кафулињата и на голем дел од јавните простори уште од 1 август? – Одговорот сè уште зависи од собраниската процедура. Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи е пред последните законодавни филтри, пред да се најде на гласање. Министерот за здравство во заминување, Азир Алиу очекува наскоро да стапи на сила.
„Направивме експертска група која што ќе ги чита и ќе ни даде експертско мислење за тие амандмани. За истите треба да се произнесе веќе новиот министер од наредната недела за да може законот да ја помине и таа фаза и на пленарна седница да се изгласа. Ценам дека за две-три недели ќе треба законот да биде дел од нашиот законодавен екосистем во државата, бидејќи навистина е многу важен за здравјето на нашите граѓани“, порача Азир Алиу, министер за здравство.
ЗНАМ и Социјалистичката партија поднесоа амандмани со кои предлагаат да се обезбедат посебни простори за пушачи, покрај останатите технички измени на текстот. Алиу, пак, не сакаше да коментира. Одговорите, вели, ќе ги даде новиот министер за здравство.
„Денеска е петок, јас веќе сум министер во заминување, не би сакал да влезам во детали, најверојатно наредната недела новиот министер со кој денеска имав состанок, го брифирав за сите отворени процеси, за сите процеси кои што се завршени. Најверојатно ќе треба од наредната недела да биде повеќе инволвиран во законот и да даде одговор на овие прашања“, додаде Алиу.
Законот веќе претрпе неколку измени. Од Закон за заштита од пушење беше преименуван во Закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи. По реакциите на угостителите и тутунската индустрија, дел од предложените решенија беа корегирани, а примената, која првично беше планирана за 1 март, беше одложена.
Но, суштината останува иста – да се намали изложеноста на чад во јавниот простор. Законот не го забранува производството, увозот, извозот или продажбата на тутунски производи и електронски цигари, туку ја регулира нивната употреба.
Откако ќе биде изгласан и објавен, законот веднаш ќе стапи во сила. Единствен исклучок се угостителите кои ќе добијат рок од 12 месеци за да се прилагодат на новите правила. За контролата на нивното почитување ќе бидат задолжени 14 надзорни институции.
Симона Петровска
