Македонскиот тенисер Калин Ивановски не успеа да ја освои титулата на М25 турнирот во Загреб, откако денеска беше поразен во финалето од Кумојун Султанов од Узбекистан.
Султанов славеше со 2-0 во сетови, односно 6-4 и 6-4, во меч што траеше 107 минути. За Ивановски ова беше деветто финале во кариерата, прво по август 2023 година, а го претрпе четвртиот пораз во меч за трофеј.
Во текот на натпреварот беа видени само два брејка и двата ги направи узбекистанскиот тенисер. Во првиот сет Султанов го одзеде сервисот на Ивановски во петтиот гем, поведе со 3-2 и ја зачува предноста до крајот.
Слично беше и во вториот сет, во кој резултатот беше израмнет до 4-4. Потоа Султанов повторно направи брејк, поведе со 5-4, а потоа на свој сервис го затвори мечот и стигна до титулата.
Ивановски по настапот во финалето во Загреб ќе игра и на турнирот во Скопје, кој денеска почна со квалификациските натпревари.
