Двегодишното дете кое се бореше за живот и покрај сите напори на медицинскиот тим почина утрово на Клиниката за невро-хирургијаИнтензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. Детето беше донесено на Ургентен во комлексот клиники „Мајка Тереза“ во многу тешка состојба, со стран предмет во главата за време на новогодишната ноќ. Доктор Мерџановски уште тогаш спомена дека најверојатно е заскитан проектил, но треба да се докаже.
„Поради сериозноста на состојбата детето беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг. Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, соопшти Министерството за здравство.
Министерот Тошковски вчера рече дека случајот е под истрага и дека има повеќе теории како се случила трагедијата.
„Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт“, изјави Гоце Андреевски, Министерство за внатрешни работи.
Во меѓувреме и Основното јавно обвинителство -Скопје издаде наредба за обдукција на телото.
За последиците од употреба на огнено оружје за време на прослави говорат бројните жртви во изминативе неколку години, меѓу нив и случајот „Кметовска“ во 2005- та година, но и различни инциденти кои следеа со заскитани куршуми за кои надлежните институции и лекарите апелираа дека треба да се зајакнат контролите и свеста кај граѓаните.
Нина Стефанова
