Скопјани ја дочекаа најлудата ноќ во годината. На преполниот плоштад, голем број граѓани од Македонија, но и од странство, со греано вино и слатки уживаа во новогодишната атмосфера. Велат дека се задоволни од организацијата и дека за 2026 година, пред сè, посакуваат здравје и среќа.
„Одлично е. Очекувам многу здравје и среќа“, вели една од посетителките.
„Многу убаво е, перфектно е. Се надевам на сè подобро во 2026-та“, вели друг граѓанин.
Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Тамара Тодевска и Дина Јашари се само дел од изведувачите кои синоќа настапија на прославата.
За телевизија Телма изјавија дека им претставува чест да настапуваат на плоштадот и дека очекуваат 2026 година да биде подобра од претходната.
„Чест и задоволство ми е да настапувам пред скопјани. Во 2025-та добив дете и очекувам сите да бидат среќни“, вели Миро Кацаров, кој беше еден од водителите на прославата.
„Би сакала да се заборави оваа лоша година и правдата да излезе на виделина“, додава Тамара Тодевска.
Стрелките на часовникот отчукаа без огномет. На синоќешниот дочек присуствуваа и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како и премиерот Христијан Мицкоски.
Првиот дочек на Новата година на плоштадот во Скопје бил организиран уште во 1990 година, кога 30 изведувачи настапиле пред околу 20.000 посетители.
Софија Бислимоски
