Кој го „урива“ Социјалдемократскиот сојуз одвнатре и кој профитира од тензиите во партијата?! Малку одговори, многу обвинувања и преписки. Во опозициските редови тревога за дестабилизација. Се споменуваат имиња на поранешни партиски функционери, се разоткриваат планови подготвувани со недели и се прави „штит“ против наводните обиди за влијание однадвор.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште вчера одговорија на прозивките од политичките опоненти, велат „нема никаков координиран напад, туку СДСМ координирано пропаѓа“.
Социјалдемократите, пак, вчера испратија соопштение дека бараат Централниот одбор да го исклучи Јован Деспотовски од партијата, без да се наведе кој точно стои зад официјалниот допис. Го обвинуваат поранешниот партиски функционер дека во договор со членови на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со заеднички сили се обидуваат да ја дестабилизираат партијата преку медиумска кампања.
„Целиот план е осмислен пред две недели, кога власта сфати дека ја губи поддршката на граѓаните. Првиот обид за дестабилизација беше целосно разоткриен и пропадна. СДСМ секогаш била и сè уште е партија со дијалог во рамки на партијата, по тоа сме препознатливи, но нема да дозволиме сценарија на ВМРО за делење и уривање на СДСМ одвнатре“, се вели во дел од денешното соопштение на СДСМ.
По првичните обвинувања, Деспотовски веднаш реагираше велејќи дека по триесет години политички стаж, не очекувал неговата матична партија да го остави целосно без зборови и коментар. Порача дека секогаш бил максимално умерен дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став.
Сега, внатрепартиските тензии во СДСМ се закана за дополнително раслојување на партијата, оценуваат дел од политичките аналитичари.
„Целата оваа ситуација оди апсолутно во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи гледаме дека партијата и покрај тоа што „потона“ на локалните избори, наместо да најде сили и да се консолидира, да се зацврсти, да се екипира – тие одат во дополнително раслојување, дополнителни кавги и расколи. Може да се случи и да настане нов дополнителен субјект од СДСМ, по примерот на ЗНАМ. И сето тоа ќе оди во насока на уште поголемо раздробување на опозициското јадро во Македонија“, вели политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.
Атанасоски е на став дека по поразот на локалните, СДСМ требаше да ги лоцира и да ги „преслика“ кадрите како градоначалниците на Центар, Крива Паланка и Македонска Каменица – кои успеаја да победат на изборите и покрај поразот на нивната партија, за потоа внатрепартиските реформи да се спроведат со успешни лица, а не со дискутабилни кадри.
Петар Догов
Б.С.
