Нов мандат како претседател, смирени ноти и предлог за три нови мерки кои би се реализирале преку договор на политичките фактори во Македонија. Али Ахмети останува на кормилото на ДУИ и во говорот во кој наведе дека партијата се залага за унитарен карактер на државата, независно и неселективно правосудство и за враќање на доверба во институциите предложи проширена примена на Бадентер во Собранието при избор на влада и во Уставниот суд.
-Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид: Прво: избор на Владата со двојно мнозинство (Извршен Бадентер)
- Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници.
- Ова ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници, рече Ахмети.
-Второ: примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд
- Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав.
- Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите.
-Трето: продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Во 25 минути говор, Ахмети покрај сопартијците и делегати на Конгресот се обрати на гостите и од власта и од опозицијата- им порача дека време е за ефикасни праведни институции и исчекор на европскиот пат кој треба да донесе напредок. Поделбите не го носат прогресот порача тој.
ДУИ го почитува националниот идентитет на Македонците во процесот на евроинтеграции оценувајќи дека како држава интегрирани во ЕУ може да го сочува и да ги негува националниот идентитет на народите кои живеат тука. Иднината не се гради со бучава, туку со визија, не со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност, порача Ахмети од говорницата на Конгресот.
ДУИ останува гарант на стабилноста и на патот на европските интеграции порача Ахмети и повтори дека се стабилен партнер на меѓународната заедница од која бараат помош и совети за да се спроведе нивната идеја за целосен ветинг на функционери, судии и обвинители во независна Македонија како и проверка на нивниот имот.
Конгресот на ДУИ доаѓа по два изборни циклуси во кои имаат поголем број на гласови од ривалот во албанскиот корпус, но останаа и надвор од владата и без градоначалнички позиции во големи општини кои ги држеа со децении. Ахмети најави дека партијата влегува во нова фаза, во која ќе им се даде шанса на младите и на професионалците и ќе се бара квалитет и успешност.
Партијата ќе избира и нов Генерален Совет, а изгласа и 4 резолуции меѓу кои и една за неселективна правда со која се предвидува независност на судството и обвинителството и конечно исполнување на законската обврска за нивно финансирање.
Миомир Серафиновиќ
