Со уште една маратонска прецизно скриптирана и кореографирана прес-конференција, рускиот Претседател, Владимир Путин повторно се обиде уште еднаш пропагандистички да ја увери домашната јавност дека ситуацијата во Русија е стабилна, економијата силна а војната во Украина, за која тој секако не е одговорен, оди целосно според плановите на Кремљ.
Во речиси пет часовната завршна прес-конференција, Путин повтори голем дел од веќе многупати слушнатите тези – тој би сакал да има мир во Украина, но секако само доколку се адресираат причините за војната, спречување на членството на соседната земја во НАТО, враќање под код контрола на Москва на териториите кои Путин ги смета за клучни за историскиот идентитет и наследство на Русија или во превод империјалистичките амбиции на Кремљ, како и апсурдната теза за потреба од денацификација на Украина.
Путин единствено внимаваше да не ги повреди чувствата на американскиот лидер, Доналд Трамп, како во случајот кога ја коментираше изјавата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, дека Русија е закана за безбедноста на алијансата.
„Новата национална безбедноста стратегија на САД не ја смета Русија за непријател или цел, но генералниот секретар на НАТО се спрема за војна со нас. Што е ова? Дали знаете да читате? Како може да го подготвувате НАТО за војна со Русија ако главната членка на НАТО во нас не гледа непријател?“ – изјави Владимир Путин.
Според Путин, ситуацијата на фронтот одлично се развивала за руските сили, кои напредувале насекаде, а огромна била и заинтересираноста кај млади лица да се приклучат на воените сили.
„Имавме околу 400 000 луѓе кои потпишаа договори оваа година, 406 000 или 410 000. Но, бројот на луѓето кои сакаат да служат во новоформираната гранка на вооружените сили – беспилотната авијација е толку голем што Министерството за одбрана мораше да објави натпревар“ – тврди Путин.
Путин не коментираше за огромните загуби во руските воени сили во војната во Украина или пак за потребата да ги засили своите сили со трупи од Северна Кореја. Но, во ситуација кога и тие малку независни и слободни медиуми кои постоеја во Русија, по почетокот на инвазијата на Украина, престанаа со работа а новинарите кои работеа во нив беа присилени или да заминат во странство или да завршат во затвор, најголем дел од прашањата кои Путин ги доби позитивно ги промовираа мерките кои Москва ги презема за решавање на проблемите на граѓаните.
Според индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, Русија е рангирана на 171-то место од 180 земји, при што ситуацијата во земјата за новинарите во 2025-тата се опишува како многу сериозна.
Никола Илиевски
