Останато Спорт

Барди и Трајковски во „борба“ со боречка тројка за „Спортист на годината 2025“

Министерството за спорт ги објави номинациите за „Спортисти на годината 2025“ и ќе бидат доделени награди во вкупно девет категории. 

Секако најважните категории се спортист и спортистка на годината. Традиционално на овој избор доминираат натпреварувачите од боречките спортови, а така е и во оваа 2025-та. 

Од петтмината номинирани спортисти тројца се од боречките спортови. Кикбоскерот Стефан Михајловски, кој освои сребрен медал на Светското првенство во кик лајт во Абу Даби, потоа боксерот Ален Рустемовски, кој исто така освои сребрен медал на Европското првенство до 23 години што се одржа во Ереван, Ерменија, а тука е и Владимир Егоров, кој беше петти на ЕП во борење што се одржа во Загреб.  Останатите двајца номинирани се капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди и атлетичарот Андреас Трајковски, кој годинава имаше фантастичен настап на Европското првенство во сала во Апелдорн, Холандија, каде стигна до финалето во скок во далечина и го освои 8.место. 

Во категоријата „Спортистка на годината“ номинирани се Ангела Мојсовска (карате) со седмо место на ЕП во Ереван, Катерина Попева (бодибилдинг и фитнес) – светска шампионка со злато на СП во Санта Сусана, фудбалерката Александра Марковска со освоена титула и Куп со ЖФК Љуботен и настапи во УЕФА квалификации, Катерина Ацевска (џиу џицу) со бронза на СП во Бангкок и Сашка Колеска (спортски танци) со седмо место на СП во соло латино во Бремен.

Листата на кандидати за „Млад спортист на годината“ ја предводат Адријан Рустемовски (бокс) – бронзен на ЕП во Ереван, Лука Змејковски (кикбокс) со бронза на ЕП во Лидо ди Јесоло, Никола Блажевски (спортско стрелаштво) со настап на Светскиот куп во Минхен и висок резултат во воздушна пушка 10 м, Иван Галевски (ракомет) како освојувач на ЕХФ купот со РК Алкалоид и сениорски репрезентативец, како и Бесир Алили (борење) со петто место на ЕП У23 во Тирана.

Во конкуренција за „Млада спортистка на годината“ се Емилијана Ризовска (ракомет) – сениорска репрезентативка и учесник во Европски куп со ЖРК Ѓорче Петров, Душица Бреслиева (карате) со бронза на ЕП за кадети, јуниори и У21, Марија Спирковска (борење) со деветто место на СП во Нови Сад, Марија Димовска (кикбокс и маитаи) со бронза на ЕП во Лидо ди Јесоло и Даниела Алексовска (бразилска џиу џицу) со злато на ЕП и бронза на СП во мешани боречки вештини.

Кај екипните признанија, за „Најуспешен машки национален тим“ номинирани се сениорските репрезентации во одбојка (деветто место во Европската златна лига и пласман на ЕП 2026), ракомет (15-то место на СП и обезбеден пласман на ЕП 2026), фудбалската У17 селекција со пласман во елитна рунда, како и сениорската кошаркарска репрезентација со настап во претквалификации за ЕП 2029.

За „Најуспешен женски национален тим“ во изборот се фудбалската У17 репрезентација со настап во Лига А квалификациите за ЕП, сениорските селекции во ракомет и одбојка со учества во квалификациски и лигашки натпреварувања, како и сениорската кошаркарска репрезентација со учество во квалификациите за СП 2027.

Категоријата „Најуспешен спортист со инвалидитет“ носи четири кандидатури, а тоа се, Андреј Стојаноски (пливање) со шесто место на 400 метри мешано на Олимписките игри за глуви и наглуви лица во Токио 2025, Оливера Наковска Бикова (стрелаштво) со четврто место на ЕП во Осијек, како и шахистите Зоран Костадиновски и Жарко Селковски со петти места на олимпијади во своите категории.

Во изборот за „Најуспешен тренер/селектор“ номинирани се Магомед Ибрагимов (борење) за резултатите на светските првенства со Владимир Егоров и Могомедгаџи Нуров, Методија Ангелески од Националната спортска федерација на глуви (пливање) за пласманите на Олимписките игри за глуви и наглуви лица, Кирил Лазаров (ракомет) за сениорската репрезентација и титулата во ЕХФ купот со РК Алкалоид, Дејан Митровски (кикбокс и маитаи) за медалите од СП во Абу Даби.

„Најуспешна национална спортска федерација“ – ги вклучува Фудбалската федерација на Македонија со серијата од 14 натпревари без пораз и успехот на У17 селекцијата, Одбојкарската федерација со резултатите на машкиот и женскиот сениорски тим, Ракометната федерација со пласманите на СП и ЕП, Џудо федерацијата како организатор на повеќе европски настани во Скопје, како и Кикбокс маитаи федерацијата со освоени медали на светската сцена.

Свеченоста за доделување на најпрестижните спортски награди во Македонија ќе се одржи на 18-ти декември во Македонската опера и балет.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мундијалот во американски стил: Шампионите ќе добијат специјални прстени (ВИДЕО)

Sportska Redakcija

Еурофарм Пелистер против екипи од три големи ракометни земји во Европската лига

Sportska Redakcija

 Славко Винчиќ ќе го суди финалето на Светското првенство 2026

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе