Мултимедијалниот центар Мала станица при Националната галерија ја Македонија ги прикажува делата од 35. и 36. Меѓународна ликовна колонија „ Галичник“. Изложбата е насловена „ Колективна културна меморија: Постмеморија “, а насловот е спој на зададените теми на кои работеле уметниците на двете последни изданија на колонијата: „ Колективна култура на сеќавање“ и „ Постмеморија- Ехо на тишината “.
Куратор на изложбата е Ана Франговска, која воедно е и претседателка на колонијата. Идејата била вели таа, преку двете теми да се запаметат и да се пренесат визуелно артикулираните искуства од минатото и сегашноста на идните генерации.
Да меморираме, да се сеќаваме, да не дозволиме историјата, минатото и доживувањата да се заборават и да не бидат пренесени на наредните генерации. Затоа што современите општества трпат промени. Не сме ние единствените каде што се случуваат и политички и социјални турбуленции. Меѓутоа не смееме да заборавиме. Па, на тој начин и овие две теми се занимаваат со меморирањето затоа што Галичник е една од најзначајните културни колевки на Македонија, кажа Ана Франговска, кураторка на изложбата .
Изложени се 30 дела од повеќе од 20 истакнати уметници од Македонија, европските земји и САД. Кај нив се забележува тенденцијата на кураторката, од последниве 15 години, да бидат застапени дела што ги следат новите светски уметнички тенденции.
Прикажаните творби на изложбата се работени во различни медиуми. Па, среќаваме слики, објекти, фотографии, видео, звук и инсталација.
За учество на Галичката ликовна колонија нема конкурс. Уметниците се пријавуваат по препорака. Потоа се врши селекција , согласно нивната професионална позадина и квалитет, а избраните добиваат покана да дојдат во Галичник.
Не неминовно тие требаше да работат на теми поврзани со Галичник. На самиот концепт тие надоврзуваат свои лични интересирања и одговараат на одредени прашања кои што се за нив актуелни , одново. Дали е политички, дали е социјален ангажман, дали е автореференцијална приказна на барање на сопствениот идентитет, дали е нешто врзано со активизмот. Ја има секако и природата, го има и Галичник присутен како бекап со сите тие ликовни изрази. Ја има и македонската приказна, вели кураторката Франговска.
Меѓународната ликовна колонија „Галичник“ ја основа 1990 година сликарот Нове Франговски, кој потекнува од таму и ја организираше до 2016 година, пред да почине. Потоа организацијата ја презема неговата ќерка Ана, која вели дека аманетот од татко и за неа е одговорност пред сѐ за задржување на квалитетот на изданијата.
Затоа Галичката колонија прерасна во референтна точка на актуелната ликовна сцена во регионот. А, изложбата од последниве две изданија за јавноста ќе биде отворена до 27 ноември.
Сотир Трајков
