Македонската фудбалска репрезентација утре од 15 часот ќе се соочи со Фарски Острови во Торшавн во рамки на 1.коло од Лигата на нации на УЕФА.
Селекторот Благоја Милевски не очекува лесен натпревар, но целта на Македонија е да биде прва во оваа група.
„Првиот натпревар е секогаш е тежок. Фарски Острови е квалитетен, дисциплиниран противник и имаме максимална почит кон нив. Сепак, наша цел е прво место во групата на Лигата на нации. Треба да бидеме на својот максимум за да не зависиме од играта на противникот. Во минатото издание на Лигата на нации, Фарски Острови ја победија Турција, а тоа не е мала работа“, рече Милевски на денешната прес-конференција.
За македонските фудбалери проблем може да претставуваат временските услови и фактот што се игра на вештачки терен, но нашиот предводник верува дека фудбалерите се подготвени за предизвико.
„Временските услови се такви какви што се. Не е лесно да се адаптирате од 35 целзиусови степени на десетина степени. Затоа дојдовме ден порано и верувам дека ќе бидеме подготвени. Мислам дека ќе се прилагодиме на сите услови и ќе го наметнеме нашиот квалитет“.
„Противникот е добро организиран, дисциплиниран и мора да бидеме на исто ниво и подобри што се однесува до динамиката на игра, агресивноста и желбата, за да дојде нашиот индивидуален квалитет до израз. На овој собир гледам одлична енергија и тоа треба да го пренесеме на терен“, додаде нашиот селектор.
Капитепнот на македонската репрезентација Енис Барди верува во квалитетот на тимот.
„Сите сме свесни што ни следи и направивме детална анализа за овој натпревар. Атмосферата секогаш е добра кога се игра за Македонија и можеби на овој собир имаме најдобра клима. Имаме одлични играчи, кои потпишаа за големи клубови како Димитриевски, Елмас, Миовски и од нив очекуваме многу.
Не треба да бараме алиби и како и секогаш да бидеме максимално фокусирани на нашата игра. Не треба да ни недостасува желба и треба да излеземе просторот кој противникот ќе ни го понуди да го искористиме“, истакна фудбалерот од средниот ред.