Вести Најважни Свет

Тежок изборен пораз за 70- годишниот Ердоган, прв по четвртина век кариера

Порази во Истанбул, Анкара, Измир, Анталија но и во други големи градови за партијата АКП на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. По четвртина век ппбеди на изборите на кои тој бил кандидат или лидер, вчерашните локални избори се прв негов изборен пораз.

Сумарните резултати покажуваат дека клучните победи во големите турски градови ги однесе опозицијата иако не беше обединета и настапи со посебни кандидати. Дополнително, партиските резултати покажуваат дека водечка партија стана опозициската CHP (Републиканската народна партија) на Озгур Озул која освои 37,7% или над 17,3 милиони гласови, што е за 2,2% (над милион гласови) повеќе од Партијата на правдата и развојот на Ердоган.

Главната опозициска партија во Турција ја задржа контролата врз клучните градови и оствари огромни придобивки на други места на локалните избори што се одржаа вчера, што пак беше големо вознемирување на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, кој имаше за цел повторно да ја преземе контролата врз тие урбани области.

Особено, болен за „султанот“ Ердоган е поразот во родниот град, најголемиот град во Европа, Истанбул. Со преброени повеќе од 90 отсто од гласовите, актуелниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, од Републиканската народна партија, води со над 10 проценти разлика. Истото се случи и во Анкара каде актуелниот градоначалникот освои уште поубедлива победа и разлика од кандидатот на партијата на Ердоган.

И додека по раскрсниците на Анкара прославуваа опозициските приврзаници, Ердоган пред своите симпатизери се обрати од балконот на претседателската палата во главниот град. Призна пораз и губење на правецот и најави промени по теркот на барањето на избирачите.

-Ако сме направиле грешка, ќе ја поправиме во годините кои идат. Ако нешто сме пропуштиле, ќе го завршиме успешно, рече Ердоган кому верна му остана централна Турција, а големи победи освои и во градовите кои беа погодени со катастрофалниот земјотрес лани во февруари.

Тогашната трома реакција на последиците и обидот да се исправат грешките со градежната офанзива во источна Турција проследена со слаби или непостоечки безбедносни стандарди не му пресуди на Ердоган на ланските претседателски избори кои ги доби против обединетата опозиција.

Но, оваа година, изборниот пораз е резултат и на лошата економија (инфлација од над 57%), паѓањето на животниот стандард, како и недоволно агресивниот пристап на Турција кон војната во Газа каде загинаа илјадници Палестинци во одмаздничкиот напад на Израел. Економијата му „грицкаше“ гласови на Ердоган во левицата, политичкиот центар и во урбаните средини, додека крајната десница му „јадеше“ од гласовите во неговите победнички области.

Иако 70-годишниот Ердоган, кој има претседателски мандат до 2028-ма година најави промени и нови победи, двајцата градоначалници од опозицијата, Екрем Имамоглу од Истанбул и Мансур Јаваш во Анкара, најавуваат интересен политички период пред крајот на мандатот на турскиот претседател.

-Тие кои не ја разбираат пораката на нацијата ќе изгубат. 16 милиони жители на Истанбул испратија јасна порака и на нашите ривали и на претседателот, порача 53-годишниот Имамоглу при победничкиот говор во пред десетици илјади луѓе во Истанбул. Град од каде пред 25 години тргна долгата политичка кариера на Ердоган кој успеа да ја смени и уставната структура на државата која од парламентарен ја „пренасочи“ во претседателски систем.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел повторно со засилени напади врз Рафа

Дејан Дејан

На првиот чекор кон влада на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, ДУИ го откри документот за уставните измени потпишан и од лидерите на „Вреди“

Дејан Дејан

Абер нема од борбата со комарците, град Скопје втора недела не го распишува поправниот тендер за прскање

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе