Комисијата за заразни болести за денеска наjави вонредна седница на која треба да се изгради став со кој ќе им се појасни на родителите и на вработените во градинките во Скопје дали забраната за прием на невакцинирани деца со „ДиТеПер“ важи за тие што не се вакцинирани или и за тие што не ја примиле ревакцината.
Поради забуната во јавноста и различното толкување на „целосно неимунизирани“, не е јасно дали се работи за вакцина која се прима во три дози – на двомесечна, тримесечна и на шестмесечна возраст или ја опфаќа и ревакцината, која според календарот за имунизација треба да се прими на 18-месечна возраст, односно една година по последната од трите дози на вакцината.
Министерот за здравство Илир Демири на прес-конференција вчера рече дека за вакцинирано се смета детето што ги примило трите дози од вакцината и очекува дека Комисијата по денешниот состанок ќе го прецизира толкувањето на одлуката.
Нагласи дека најважно е јавноста да биде сензибилизирана за важноста од вакцинацијата бидејќи, како што рече, во Скопје е подигнато портокалово знаме на опасност.