Вести Македонија Најважни

Речиси 50% од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или делумно вакцинирани

Речиси 50 % од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или делумно вакцинирани против голема кашлица покажаа вонредните инспекциски надзори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно одлуката на Министерството за здравство ДСЗИ да направи контроли на терен, по препораката на Комисијата за заразни болести.

„Лично сметам дека е поразителен факт за ова општество. Во текот на вчерашниот ден исто така ни ги доставија одговорните лица во градинките и списоците со невакцинирани деца и од таму ни се извлечени и бројките. Сметам дека оваа акција треба да продолжи, продолжена е и во текот на денешниот ден и наредните денови. Секако директорите на детските градинки ни дадоа уверување дека ќе ја почитуваат мерката, ние ќе проверуваме и денес и сите денови понатаму“, изјави Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

Во текот на вчерашниот ден се започнати и вонредните инспекциски надзори во градинките во сите градови низ Македонија и првичните информации се дека таму има покриеност со имунизација над 95 %. Според Младеновска со ова се покажува дека таму родителите се одговорни и ја почитуваат обврската да го вакцинираат детето согласно редовниот календар за имунизација.

Поголем дел од родителите во Скопје кои утринава го носеа своите деца во градинка велат дека мерките се сосема оправдани и дека биле навремено информирани во градинките уште со почетокот на епидемијата.

Во текот на последниве два дена трикратно е зголемен интересот за имунизација во вакциналните пунктови. Здравствените работници велат дека различни се причините кои родителите ги наведуваат за пролонгирање на вакцината.

„Се работеше за месеци јануари, февруари кога имаме многу деца кои што се болни и кои отсуствуваа од градинките треба и тој факт да го земеме предвид. Меѓутоа генерално постојат и многу родители кои кога почнала пандемијата со Ковид 2020 од тогаш не се јавиле во вакциналниот пункт, иако имале закажано вакцинација. И сега доаѓаат, гледаат дека имаат пропуштено вакцина односно најголем проблем имаме со ревакцинацијата. Имаме и училишни деца кои доаѓаат во пунктот и тие од 2020, иако пропуштиле една вакцина во прво, во второ одделение сега ги носат за да си ги надоместат вакцините“, изјави спец. д-р Даниела Марковска, вакцинален пункт „Јане Сандански“.

Што се однесува до реакциите на некои родители на кои децата им се редовно вакцинирани, но ревакцината за ди-те-пер им била закажана за во мај и утринава нивните деца биле вратени од градинка, на прашањето дали во вакви случаи ќе се прават исклучоци и децата да бидат примени во градинка, Младеновска со став:

„ДСЗИ постапува исклучиво по донесената препорака на Комисијата за заразни болести, односно по донесената одлука на министерот за здравство, со други зборови нема да правиме исклучок, бидејќи ние сме само извршители во оваа ситуација. Доколку Комисијата донесе друга препорака, односно министерот на нас ни наложи поинаку од ова што сега постапуваме, тоа е друго. До тогаш ќе постапуваме како што постапуваме сега“, изјави Рената Младеновска, директорка на ДСЗИ.

До сега помеѓу третата доза и ревакцината за ди-те-пер требаше да помине една година, но со новите измени донесена е одлука тој период да се скрати на 6 месеци според препораката на Институт за јавно здравје. Во меѓувреме се јавува и друг проблем за родителите кои го одложувале процесот на имунизација:

„Детенце што сега примило прва доза ќе треба да се вакцинира во наредните девет месеци за да ги докомплетира сите четири дози ди-те-пер“, спец. д-р Сања Цилевска- Младеновска, вакцинален пункт „Букурешт“.

Во текот на денешниот ден Центарот за јавно здравје- Скопје регистрираше 7 нови случаи на заболени со пертусис.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе