Вести Најважни Свет

Орбан попушти – ЕУ го одобри пакетот помош за Украина од 50 милијарди евра

Виктор Орбан попушти. Лидерите на Европската Унија на денешниот вонреден самит во Брисел го одобрија пакетот од 50 милијарди евра за Украина.

Главен проблем досега беше унгарскиот премиер кој постави услови за планот за стабилно финансирање на Украина во војната со Русија.

Доколку не успеаја во намерата, тие беа подготвени да обезбедат пари за Киев и без Унгарија.

Европската унија планира 50 милијарди евра за Украина.

Државите членки треба да обезбедат 21 милијарда, 10,6 милијарди се предвидени да се добијат со ребаланс на буџетот, а 33 милијарди се заем што ќе го земе Унијата и ќе го проследи на Киев.

Орбан се најде на мета на критики за уцени и политички игри со кои ја поткопува поддршката за Украина.

На земјата, која економски и инфраструктурно е опустошена од двегодишната војна, очајно и треба и политичка и финансиска помош.

Без овие средства, но и оние кои се блокирани од Републиканците во американскиот Конгрес, Украина ќе останеше без оружје и воена опрема, бидејќи тоа се финансира од буџетите на поедини земји членки.

Унгарскиот премиер, сепак, подлегна на притисоците по низата на вчерашни и денешни состаноци со премиерите на Италија, Франција и Германија.

Договорени се два компромиса – за две години Европската комисија по потреба да направи ревизија на трошоците за што, допрва треба да се гласа.

Постои и дополнителна мерка за механизам на условување за владеење на правото.

Парите од европските фондови, заедно со средствата од Меѓународниот монетарен фонд и Европската банка за обнова и развој ќе значат продолжување на исплатата на плати за украинскиот образовен, медицински и воен кадар и покрај војната во земјата која е на праг да влезе во третата година.

Во меѓувреме се зголеми и загриженоста од пад на јавната поддршка за одлевање на пари на европските и американските даночни обврзници за Украина и покрај политичкиот наратив дека евентуална руска победа би можела да ја загрози безбедноста низ Европа.

Пакетот за помош на Украина во износ од 50 милијарди евра за периодот до 2027 година беше усвоен на самитот на Европската Унија во декември.

Тогаш беше одлучено Украината да добие и статус на кандидат за членство во Европската Унија што, исто така, наиде на отпор од Орбан.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сета медицинска документација и фискални сметки за постапка за надомест на штета – правни механизми пред гостиварци кои може да поднесат и приговори за јунските фактури за вода

Sasko Dimovski

(Видео) Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, чадот стигна до автопатот – интервенираат „ер трактори“

Kristina Kuzmanovski

Не споделувајте лични податоци и броеви на банкарски картички – МВР со предупредување до граѓаните за нов бран на лажни пораки за „Безбеден град“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе