Вести Најважни Свет

Походот на Трамп кон Белата Куќа започна со „прошетка“ на партиските избори во Ајова

Без никакво изненадување, и речиси со целосна усогласеност со предвидувањата на анкетите, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја забележа првата изборна победа на републиканските избори во Ајова.

Неговата победа ниту за момент не беше во прашање, единствената „непозната“ беше кој ќе заврши зад него, трка која ја водеа гувернерот на Флорида Рон ДеСантис и поранешната американска амбасадорка во ООН, Ники Хејли, влевајќи им барем трошка надеж на умерените републиканци дека некој ќе успее да го предизвика Трамп во понатамошните избори во останатите сојузни држави.

Тоа не се случи затоа што на крајот таа трка ја доби ДеСантис, но едвај. За него гласаа 21 процент од републиканците во Ајова, а за Хејли 19.

Далеку пред нив двајцата иташе Трамп со дури 51 процент од гласовите, забележувајќи ја историски најголемата победа на еден кандидат на републиканските избори во Ајова.

Вистината е дека луѓето во нашата земја се одлични. Сите се одлични. Ја сакаме Ајова, но сите се одлични. Сакаат да видат само една работа, сакаат да видат како си ја враќаме државата. Засрамени се од тоа што се случува. Целиот свет ѝ се смее на нашата држава, и сакаат нашата држава да се крене. Тие ја сакаат Америка. Сакаат повторно да бидеме големи, изјави Трамп во победничкиот говор во ДеМоин.

Колку доминатна беше неговата победа покажува и истражувањето на јавното мислење направено во текот на гласањето. Дури половина од републиканските гласачи синоќа за истражувањето на CBS изјавиле дека се сметаат како дел од МАГА(Make America Great Again) движењето на Трамп.

Разложувајќи ги бројките по старосни групи, Трамп убедливо победи како кај младите гласачи, така и кај старите, но исто и кај мажите и кај жените. Дополнителна потврда за неговото влијание врз Републиканската партија се и неговите победи кај Евангелистите и тврдокорните десничари во Ајова, кои не успеа да ги придобие во 2016 година.

Неверојатна е податокот дека мнозинството од гласачите на синоќешните избори се убедени дека Трамп победил на изборите во 2020, а кај неговите поддржувачи тој процент изнесува дури 90 проценти.

Ниту повлекувањето на четвртиот кандидат, бизнисменот Вивек Рамасвами, не им оди во прилог на ДеСантис и Хејли. Веднаш по објавувањето на резултатите од изборите, на кои Рамасвами освои само 8 проценти, тој изјави дека својата поддршка му ја дава Трамп.

Како што кажав и на почетокот, има два кандидати на „Америка на прво место“ во оваа трка. Пред малку вечерва му се јавив на Доналд Трамп, да му честитам за оваа победа. А оттсега натаму тој ќе ја има мојата целосна поддршка за каднидатурата. И мислам дека ќе го направиме потребното за оваа држава, изјави Рамасвами од Ајова.

Но и без тоа, најголемиот дел од неговите поддржувачи го имаа токму Трамп како свој втор избор.

Резултатот во Ајова уште повеќе ја зголемува самодовербата во кампот на Трамп, дозволувајќи им да се фокусираат на критикување на претседателот Џо Бајден. Од своја страна, Демократите се надеваат на втор изборен меч помеѓу Трамп и Бајден, сметајќи дека можат да ги искористат сите скандали и судски слуачи против Трамп.

Но, ако поранешниот претседател се „прошета“ на изборите и во останатите сојузни држави, како што засега сите анкети му предвидуваат, до претседателските избори во ноември, моментумот на Трамп може да стане незапирлив, а демократите да се соочат со противкандидат кој ќе биде многу посериозен предизвикувач на Бајден, отколку што тие очекуваат.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе