Вести Македонија

ИТ системот на Фондот за здравство е „освоен“ од хакери кои бараат откуп- потврди и Ковачевски

По хакерскиот напад на 6-ти февруари од кога не работи системот за здравствено осигурување кој е вратен на рачно функционирање со хартија наместо да дава услуги по електронски пат, денеска премиерот Ковачевски откри дека станува збор за хакерски напад при кој се бара откуп за „ослободување“ на системот.

– Се работи за напад со ransomware. Тоа е дел од хибридната војна која се води моментално во Европа, покрај класичната војна што се води во Украина со нападот од Русија. На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави особено членките на НАТО. Имаше сајбер напади во Албанија и Црна Гора. Моментално тимовите на Министерството за здравство и ФЗОМ и други институции работат со експерти од Германија и од други партнерски држави за да се реши проблемот со хакерскиот напад во Фондот за здравство бидејќи моментално не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства по различни основи, рече Ковачевски денеска.

Ransomware е хакерски напад кога неовластено се навлегува во компјутерски систем и на корисникот/сопственикот не му се дозволува да ги користи сопствените податоци, алатки и датотеки. Сите фајлови на системот се запечатени со енкрипција и не може да се отворат. Хакерот бара пари, главно во крипто валути, за да го предаде „клучот“ од енкрипцијата на сопственикот на системот и тој да може повторно да го контролира.

По цели десет дена, дека станува збор за овој вид на напад врз ИТ системот на ФЗОРСМ откри премиерот, а не раководството на Фондот и директорката Магдалена Грашкоска. Директорката не се појави во јавноста иако целиот здравствен систем функционира со огромни проблеми, а не може да се исплаќаат ниту средства кои одат преку Фондот за породилни и останати боледувања, како и за плати на вработените во државното здравство.

Директорката на ФЗО им забрани влез на новинарите

Во едно свое соопштение, Фондот навестува дека проблемот ќе биде решаван со правно дозволени средства, но исплата на откуп за враќање на контрола врз ИТ системот не е никаде регулирано.

-За проблемот со кој ФЗО се соочува , ве известуваме дека ФЗО ги користи капацитетите и знаењата на сите внатрешни и надворешни ИТ експерти за кои има правна можност, соопшти Фондот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека се истражува хакерскиот напад, но порача дека и самите институции треба да се грижат за сајбер безбедноста на своите информатички системи и дигитални алатки.

– Во Фондот за здравство се работи за хибриден напад, со којшто напад практично е влезено во нивниот систем. Нашиот Оддел работи интензивно и бараме поддршка од институциите и меѓународните партнери, се со цел да го заштитиме системот колку што е можно. Ова треба да ни покаже една работа што на секој еден од нас мора да ни биде јасно, дека практично сите треба да бидеме дел од заштита на тој систем и да посветиме поголемо внимание на сајбер нападите и да се зголеми отпорноста на институциите, бидејќи нереално е да очекуваме една институција да ги штити сите институции и тоа не е наша задача. Секоја институција на својот систем ќе мора да има соодветни заштити, рече Спасовски.

Ковачевски за хакерскиот напад врз ФЗО наведе дека е сличен на оној што се случи лани во Министерството за земјоделство со што навести и дека во тој случај станувало збор за ransomware напад. Никогаш не беше соопштено официјално каков тип на напад се случил во Земјоделство, ниту пак беше кажано дали се дадени пари за ослободување на системот кој ги закочи исплатите во овој ресор. Тогаш надлежните во Земјоделие тврдеа дека не се украдени податоци.

Но здравствениот систем е посериозен, пообемен и од него зависи лекувањето на илјадници луѓе, како и платите на тие што ги лекуваат. Покрај тоа во Фондот има детални лични и медицински податоци за сите осигуреници кои ги има над 1,8 милиони во Македонија.

Наместо по електронски апликации, матичните лекари, болниците, аптеките и сите останати здравствени органи, сега пополнуваат хартиени обрасци со потпис на пациентите за сите услуги платени од Фондот. Начинот на функционирањето без ИТ систем се објавени на веб страната на ФЗОРСМ.

Од друга страна и пресметките за плата за медицинскиот персонал во државните здравствени установи се прави рачно, на хартија, а исплатата сега веќе и доцни над законски дозволениот рок за исплата во тековниот месец.

-Разговарав со министерот за финансии да се најде начин во наредните денови ќе имаат решение но свесен дека вработените немаат земено плата и имаат кредитни картички, разговаравме да се направи исплата преку централниот трезор а потоа порамнување со трезорот во ФЗОМ. Сега и Министерството за финансии е вклучено. Се работи за комплексна операција. Апелирам сите вработени во здравството и корисниците на услугите на Фондот да имаат трпение бидејќи вработените во Фондот деноноќно работат со цел проблемот да биде решен во корист на сите корисници. Преку вработените во ФЗОМ немаше застој на услугите, ги продолжија работните часови, ги сменија процедурите рачно да се процесираат барањата на осигурениците, изјави премиерот Ковачевски.

Незадоволството е големо и кај осигурениците кои останаа без редовни и брзи услуги и меѓу вработените во државното здравство кои останаа без плати па најавија и протести за да дојдат до заработеното.

Миомир Серафиновиќ

Поради социјален работник кој не доаѓа да го види не може да се расчисти случајот со повреденото 12-годишно велешанче најдено со скршена вилица и со дијазепам во крвта

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Партијата на Пленковиќ ХДЗ, повторно победи на изборите

Дејан Дејан

100-те највлијателни лица во светот за 2024 година

Дејан Дејан

Уапсена претседателката на Антикорупциската комисија во Црна Гора поради сомнежи за злоупотреби со дневници и службени возила

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе