Состојбата во судството повторно со лоша европска дијагноза во последниот Извештај за владеење на правото. Аналитичарот Дарко АВрамовски за Телма вели дека неколку години имаме исти проблеми со различни симптоми, без никој да ја бара вистинската дијагноза за правосудството. Добрата страна е што се усвојуваат реформските закони за правосудството, но најтешкото- примената оди полошо поради неиздвојување на ресурси и пари. Дополнително опаѓа довербата, а една од причините за тоа е политичките изјави и партиски критики.
Истa состојба која се повторува од година во година, само што Европа нотира различни симптоми за исти проблеми во судскиот систем, а никој не ја бара вистинската дијагноза, анализира за Телма, Дарко Аврамовски од Колаицијата за правично судење откако Европската комисија го објави новиот извештај за владеење на правото за Македонија.
Подобрено е носењето на законите, но примената не е доволно добра, а Европа повторно нотира намалување на довербата во правосдусниот систем и политичко мешање и притисоци кои ја поткопуваат независноста на судството.
-Факт е дека подолго време имаме проблеми со јавна перцепција на судството, со довербата на граѓаните во судството и факт е дека на тоа многу влијаат оние неумесни и агресивни изјави од политичари-носители на власт, особено пратеници, министри и премиерот, кои имаат напади врз судството што излегуваат надвор од објективна критика, изјави Дарко Аврамовски, од Коалицијата Сите за правично судење.
-Меѓутоа, она што е уште позагрижувачки е дека не гледаме дека судството направи некаков изворен обид од нивна страна да се справат со ваквото влијание и на некој начин да ја унапредат перцепцијата. За жал,многу често кај нив гледаме дека кај нив постои некакво очекување на интервенција од надвор односно некој од страна треба да ги среди состојбите во судството, додаде Аврамовски.
Генералниот заклучок на извештајот е дека ефикасноста на правосудството продолжува да опаѓа, како што се расте траењето на судските постапки, со исклучок на кривичните процеси.
Поради спорите или застарените судења за корупција, јавноста и натаму смета дека корупцијата во јавниот сектор и институциите е на високо ниво и останува неказнета. Паѓа и довербата на бизнис секторот во судската заштита.
-Факт е дека ефикасноста на судството влијае и на економскиот развој на земјата. Токму ова, да има поволна, стабилна клима каде што бизнисите ќе бидат сигурни дека нивните инетреси ќе бидат заштитени преку судски пат. Наместо тоа, тие ризикуваат и гледаат дека постојат определени проблеми поради што почнува да се намалува довербата (во судството) и кај нив, вели Дарко Аврамовски од Коалиција Сите за правично судење.
Како слабости се наведени недостигот од судии и обвинители, редовно кратење на законски утврдениот судски буџет за што досега никој не покренал иницијатива пред Уставниот суд, спората дигитализација на секторот.
Закони се носат и ќе се носат, но најтешко е да се реалзираат бидејќи надлежните не предвидуваат доволно пари и ресурси за тие измени кои се носат во интерес на граѓаните, потенцира Аврамовски.
Миомир Серафиновиќ
