Одлуката за излегување од владата е поради неисполнување на програмските цели утврдени и усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, рече претседателот на Демократскиот Сојуз Павле Трајанов.
Демократскиот сојуз, по седницата на Претседателството и Централниот совет, донесе одлука да не ја поддржи реконструкцијата на Владата и да го напушти парламентарното мнозинство, соопшти на прес-конференција партискиот лидер Павле Трајанов.
„Централниот совет заклучи дека ниту една од нашите програмски цели дефинирани низ нашите партиски органи и тела кои беа усогласени со СДСМ пред изборите во 2020 година, но и пред формирањето на оваа влада, не е имплементирана. Имавме договор Македонија да биде една изборна единица, односно да се направат системски реформи во изборните правила. Беше подготвен закон кој помина на собраниските комисии за политички систем и законодавна-правната, но тој сега е блокиран бидејќи спикерот Талат Џафери не ја закажува седницата за овие законски промени. Тоа беше нашата главна определба“, рече Трајанов.
Тој додаде дека не биле исполнети уште две важни програмски цели, а тоа се реформите во судскиот ситем и борбата против корупцијата.
Врз основа на целокупната анализа, додаде тој, донесовме одлука – ДС нема да ја поддржи реконструкцијата на Владата и нема да биде дел од парламентарното мнозинство.
„И натаму ќе ги поддржуваме сите проекти кои значат имплементација на европските стандарди и натаму сме за членство во Европската Унија. За нас се крајно ннеприфатливи тезите за поделби на партиите и граѓаните, за наводно формирање сојуз за Европа и сите други кои не се во тој сојуз дека се против ЕУ. Наша цврста определба останува и понатаму Македонија да биде дел од ЕУ. Ќе бидеме кооперативни за сите проекти за добро на граѓаните и ќе ги поддржуваме и штитиме нашите витални интереси“, им порача на досегашните коалициони партнери Трајанов.
ДС е партнер ао СДСМ од изборите 2016-та, а претходно беше коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Груевски.
Партијата има еден пратеник (Трајанов), еден заменик министер (во локална самоуправа) како и владин координатор за кризни состојби.
